Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој соопшти дека денеска почнува поднесувањето барања за финансиска поддршка за произведено и продадено грозје од сортите „вранец“ и „смедеревка“ во регистриран капацитет за производство на вино во земјава.
„Финансиска поддршка од еден денар ќе добијат сите земјоделци кои произведеното грозје од сортите ‘вранец’ и ‘смедеревка’ го предале на регистриран капацитет на вино во Република Македонија“, велат од агенцијата во своето соопштение.
Оттаму додаваат и дека земјоделците кои ги исполнуваат условите барањата може да ги поднесуваат и по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Барањата, како што посочуваат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, може да се поднесуваат најдоцна до 25 декември годинава.
Заедно со барањето, земјоделците треба да достават и потврда за откупено грозје, издадена од страна на регистриран капацитет за производство на вино, се додава во соопштението на агенцијата.