По речиси осум часа поминати заедно на првиот ден од Винодонија, тешко ни е да ја скриеме возбудата и да го намалиме количеството позитивна енергија за кое подеднакво се „виновни“ прекрасните гости и домаќини, драги пријатели и познаници, и секако неговото височество кое по трети пат не обедини сите, виното.
По поздравниот говор на сомелиерот Александар Вучковски, дел од најтесниот организациски тим и на третото издание на Винодонија, следуваше ексклузивен термин за претставниците од ХоРеКа секторот од Македонија кои одблиску се запознаа со квалитетот и капацитетот на винариите како и за можностите за склучување договори за соработка. Во 16 часот големата сала за бал на вториот кат на хотел Мериот ги отвори вратите и за останатите посетители кои останаа нешто по 20 часот за да го продолжат барем за миг винското уживање.
Уште по првата прошетка низ штандовите, го донесовме заклучокот дека Винодонија трета година по ред во целост го оправдува епитетот најекслузивен и најзначаен македонски вински настан во Македонија. Да се соберат на едно место најголемите македонски вински брендови, Тиквеш, Бовин, Стоби, најголемиот производител на грозје на балканот, винарската визба Милев „Гоце Делчев – Тиквеш“, секогаш интересните бутик винарии Попова Кула, Сопот, Камник, Мал Свети Климент… потоа винарии кои излегле од сенката на просечните гаражни винарии како Наумчеви – Ѓи-Ем-Ен и Брзанов, заедно со исклучителните Попов, Далвина, Лазар… и да се овозможи дегустација на нивните првенци во ексклузивни услови е за длабок поклон до земја. Секако, нема да ги заборавиме и бројните гости од целиот регион, кои понудија свои варијации на најпознатите вински сорти, но и свои вина, типични за своите поднебја.
Раздвижено беше и во двете сали за состаноци. Првите настани поминаа во знакот на професионалната дегустација со чашите на Ридел и презентацијата на производите на Лабена, за да продолжат со супер интересните презентации на темите: Елеганцијата на македонската темјаника и тајните на станушината – македонскиот Pinot Noir, додека во меѓувреме по вертикала се дегустираа архивни вина од сортата Мерло на Шато Камник, и се спојуваа специјалитети од Дубровник со македонски вина.
Со чаша фиано на ВВМ „Гоце Делчев – Тиквеш“ ги евоциравме најубавите моменти од денот кој полека ни завршува, и со нескриена возбуда го очекуваме утрешниот ден. Вратите се отвораат еден час откако часовникот ќе означи пладне, и ќе останат отворени се до 20 часот, а за оние кои што ќе решат да останат и на гала вечерта, и до нешто подоцна. За оние пак кои сакаат да научат нешто повеќе, на програмата се и предавањата за умешноста, техниката и технологијата позади белите вина на Тиквеш, хрватските пенливи вина од дното на Јадранот и вина од амфора и „Бугарија на винската карта. Да ја истражиме!“. Се разбира, не очекува уште едно возбудливо патување по вертикала на Стоби Вранец Веритас и Споредба на црногорски и македонски вранци.
Како и денес, така и утре екипата на винотика.мк во проширен состав ќе биде дел од Винодонија од каде во живо ќе Ви ги пренесува најважните моменти од последниот ден на најважниот македонски вински настан за 2018 година.