Симболично закројување на винови лози беше реализирано денеска на лозјето на фамилијата Спанџови во атарот на кавадаречкото село Бегниште, а во организација на Здруженијата на винари и за поддршка на производите од грозје и туризмот „Винотек“ и „Напредни лозари”.
Со тоа, како што беше речено, се негува традицијата од тој крај, во кој се произведува надалеку познато квалитетно грозје, од кое се прават извонредни вина и ракии.
Закројувајќи ја првата лоза, Александар Клинчаров појасни дека според обичаите, ритуалот се започнува со погача, босилек, маџун, вино и ракија.
– Погачата ја претставува родноста, свеќата ја симболизира поддршката од Бога која е секогаш неопходна и во која се верува, босилекот значи заштита од болести и штетници, со маџунот посакуваме грозјето да биде благо и од него да направиме убави вина и ракии, појасни тој.
Претседателот на „Винотек“, Јован Еленов и директорот на организацискиот одбор Панче Арсовски, нагласија дека на овој ден посакуваат родна година, бериќет и благосостојба.
На лозјето кај Бегниште денеска имаше многу тиквешани но и гости од други региони и од странство.
Пред почетокот на настанот, со едноминутно молчење беше оддадена почит кон загинатите од вчерашната сообраќајна несреќа.
По чинот на закројување беа доделени и дипломите од изборот за најдобри вина кои го организираа здруженијата на енлози, „Винотек“, „Напредни лозари”, Winemakers и општина Кавадарци.