Спојувајќи два големи поводи, големиот христијански празник, Свети Трифун, заштитникот на лозарите и винарите, и првиот голем јубилеј, 10 години постоење, винарската визба „Стоби“ пред бројните гости, партнери, пријатели, лица од јавниот и политичкиот живот уште еднаш потврди дека совршенството е единствениот пат до глобалниот успех.
„Овој празник и овој ден, е еден од убавите настани што го следат производството на грозје и на вино, затоа што, виното, како што го викаат напиток на боговите, народот многу убаво го прифатил. А го прифатил и кај нас, каде што расте производството на вино, повеќе отколку што расте производството на други производи од грозје. Нашето вино се пие во убаво друштво и токму затоа, на овој ден, доаѓа многу народ. Тоа е многу убава традиција, каде што луѓето се дружат и зближуваат, што е една од главните цели на животот“ – истакна Минчо Јорданов, сопственикот на винарницата „Стоби“.
Во продолжение, Јорданов се осврна на постигнувањата на „Стоби“ во периодот од 10 години.
„Нашиот бренд „Стоби“, во периодот од 10 години, стана вино со препознатлив квалитет кое се пласира на повеќе континенти. Со гордост можеме да кажеме дека ги освоивме Кина, САД, Русија и Европа. Горди сме на нашите награди и пофалници од реномирани вински критичари, а тоа нам ни претставува предизвик за натамошни успеси, благодарение на целиот тим“ – вели Јорданов.
Изминататите години винарница „Стоби“ зема учество на сите реномирани саеми и освои награди и признанија на светски натпревари. Само лани, „Стоби“ освои највисоки признанија на престижните интернационални натпревари „Мундус вини“ во Германија и „Вино Љубљана“ во Словенија. Вината на „Стоби“ добија високи препораки од реномираните светски вински критичари во рецензиите објавени во „Вашингтон пост“ и во винскиот магазин „Вајн адвокат“.
За успесите на винаријата говореше и Ана Јорданова, креативен директор во компанијата која во изминатите години ги собра најдобрите награди од најпрестижните светски вински саеми и натпревари.
„Ние како винарница постојано ги следиме светските трендови, ги задоволуваме вкусовите на сите потрошувачи. Со тоа сме конкурентни и на светскот пазар со широка палета на производи на вина. Континурино вложуваме во иновации со цел да произведеме вина кои се премиум, класик, елитни или традиционални, кои ќе ги задоволат сите вкусови и сетила на секој потрошувач. Винарница „Стоби“ е фамилијарен бизнис благодарение на мојот татко Минчо Јорданов“ – заврши Јорданова.
По обраќањата на првите лица на винаријата и свеченото закројување на виновите лози кои се наоѓаат во самата винарија, следуваше богата програма која кулминираше со концертниот настап на Бојан Маровиќ, додека повеќе од 800 гости наздравуваа со најдоброто вино од палетата на винаријата и совршената храна на која со годините наназад не навикнаа од ресторанот кој е составен дел од целиот објект ни даде до знаење дека на „Стоби“ најважни му се пријателите.
Автор: Душко Стефанов
Фотографија: Љупче Кузманов