Во недостаток од денот кој се појавува на календарот на секој четири години, и годинава, на самиот крај од најкраткиот месец и првиот ден од март, го одбележуваме роденденот на винотика.мк, сајтот кој во овие три години стана вистински репрезент на винската култура, кој секојдневно, 365 дена во годината нуди информации кои се во целост посветени на неговото височество виното.
А како што годините носат вина од нови берби, а старите стануваат се подобри и позрели, така и ние, со секој изминат ден, со секоја нова содржина со која сакаме да ја поддигниме и промовираме вино културата, стануваме се поискусни и се надеваме, барем за нијанса подобри.
Во овие три изминати години создадовме прекрасни соработки со македонските винарии, пред се со винарската визба Милев „Гоце Делчев – Тиквеш“ која уште од почетокот ја препозна нашата идеа и не поддржува во се она што го работиме, но и со вистинските македонски вински вљубеници, како на пример целата екипа која стои зад најексклузивниот вински настан во Македонија, Винодонија, или пак со локалните вински друштва, како Винотек од Кавадарци чија цел е идентична со нашата, да се промовира винската култура во Македонија, но и да се дознае за целото македонско винско богатство кое се крие во малите домашни винарии. Секако, никогаш нема да ги заборавиме и сите вински ентузијасти кои со своите коментари и сугестии се причина повеќе секојдневно да истражуваме за да Ви понудиме што поинтересни вести, занимливости, информации, интервјуа, совети…
Она на што сме посебно горди годинава е издавањето на првата македонска збирка на вински мисли „Bouquet” во која ги собравме сите вински мисли и итроштини на Боемот кој со задоволство го споделуваше на сајтот се она што боемството како начин на живот го научило, правејќи не нестрпливи додека го исчекуваме неговиот прв роман во кој голем дел ќе бидат посветени на виното.
Се разбира, и ние ќе се потрудиме да Ве направиме нестрпливи во исчекувањето на секоја нова информација, ќе дадеме се од себе да Ве задржиме како наши читатели, и ако успееме да Ве убедиме да наздравите со чаша вино секој ден, ќе знаеме дека сме успеале во нашата мисија.
Среќен роденден винотика.мк!!!
Душко Стефанов – Боемот
главен и одговорен уредник