Има некои вина што се навистина посебни. Едно од нив е „петрус“, вино од областа Померол во винскиот регион Бордо, за кое доколку го сакате на Вашата маса или во Вашиот вински подрум ќе треба да одвоите околу 40000 евра.
Секако, кога ќе се спомат вакви бројки, секогаш некако логично се наметнува прашањето зошто е ова вино толку посебно?
„Петрус“ се смета за кралот на вината, а ова неофицијално признание му го даваат безрезервно сите познавачи и сладокусци на виното.
Кога се зборува за „петрус“, се мисли на нешто специјално и се вреднува во низата на најпознатите вина од Бордо. Интересно е дека ова вино нема некоја богата историја и не го следи традиција стара неколку века. Неговата историја почнува дури во 20 век, кога лозјата Петрус (наречени по локалитетот) во 1925 година ги купува госпоѓата Луба, а потоа ја наследуваат внуците, а влегуваат и нови сопственици.
Во тоа време започнува да се шири приказната за „петрус“, а околу 1950-тите тоа е веќе славно вино. Се служело и на свадбата на британската кралица Елизабета. Интересен е фактот дека ова е единственото големо вино од Бордо што нема „шато“ во името.