Влијанието и инспиративноста на филмовите на големиот Милчо Манчевски е големо насекаде, па дури и во винската Италија, каде неговиот најпознат филм, „Пред дождот“ има и свое вино.
Првото бело вино кое го носи името „прима дела пјоџа” е произведено од бербата во 2009 година, а своето име го добило во чест на најтрофејниот македонски филм на режисерот Милчо Манчевски, кој пред дваесетина години во Венеција го освои Златниот лав.
Виното „прима дела пјоџа” (италијанскиот назив за “пред дождот”) е произведено во винарницата на Салво Фоти, енолог и винар од регионот на планината Етна на Сицилија.
Оваа необична приказна на режисерот Манчевски му ја соопштил италијанскиот новинар и експерт за вино Марко Поцали кој, заедно со винарот Фоти е кум на виното „Пред дождот”.
“Името на виното е според филмот „Пред дождот“ од 1994. Фантастична емоција во тркалезниот круг на времето”, вели Поцали.
Поцали објаснува дека виното “прима дела пјоџа” е создадено од сортите грозје кариканте, греканико, минела и ризлинг, одгледани на лозјата на северната страна на Етна, во градот Бронте, а во првата година беа произведени само 400 шишиња.
На етикетата на виното, исто така, пишува: „Во спомен на филмот „Пред дождот“, 1994, Милчо Манчевски, Скопје, Македонија”, а е парафразирано и мотото на филмот „Времето не чека, оти кругот не е тркалезен”.