Точно на пладне, од штандот на средното општинско земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци официјално започна годинашното издание на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ 2019 година.
Презентирајќи ги производите од грозје произведено на лозовите насади на училиштето, идните млади земјоделци, лозари и винари во наредните денови ќе им се претстават на илјадниците посетители кои се очекува да пристигнат во Кавадарци.
Игор Стефановиќ од клубот Де Факто беше најбрз на второто издание на трката на келнери на која како втор заврши миленикот на кавадаречката публика, Илија Петров.
Во спортската сала „Јасмин“ се оддржа ново издание на меморијалниот турнир „Сестри Китеви“, додека пак во градската Музеј галерија беше отворена изложба на фотографии на Бранко Ивановски на тема Тиквешките гроздобери.
Во паркот наспроти полицијата со песните на Трио Мањифико и Марјан Коцев и Галакси Бенд се уживаше во виното и храната, додека очекувано градскиот плоштад беше окупиран од најмладите кои во еден глас ги пееа песните на 2Бона, но и играа во ритамот на Trap Station и DJ Toni Zen.