На радост на целата македонска винска јавност, утре, петок, 28 ноември, и во сабота, 29 ноември, Скопје, односно хотелот „Мериот“ ќе биде домаќин на четвртото издание на најексклузивниот вински настан во Македонија, Винодонија 2019.
Согласно официјалната програма, свеченото отворање на Винодонија 2019 е закажано за во петок, 29ти ноември, во 15 часот, а веќе од 16 часот настанот ќе биде отворен за посетителите кои ќе можат да уживаат во дегустациите на повеќе од 50 винарии кои ќе понудат повеќе од 450 различни етикети.
Пред официјалното отворање на винскиот салон свои предавања и работилници ќе оддржат м-р Радмила Павловска која од 10:30 до 12:00 ќе зборува на тема „Маркетинг на виното“, веднаш по неа свое предавање ќе има проф. д-р Горан Миланов кој ќе ги запознае присутните со „Улогата на сулфурот во заштитата и производството на вино“, а последниот настан во салата за состаноци предвиден за во петок е „Вертикална дегустација на Аминта“ на винаријата Стоби, настан кој е предвиден да започне во 14 и 30.
За разлика од претходните години, вратите на винскиот салон во сабота ќе бидат отворени за посетителите во 15 часот и ќе останат отворени се до 21 часот, доволно долго да им се посвети целосно внимание на сите присутни винарии. Покрај дегустациите, последниот ден од настанот ќе го одбележат и предавањата на темите „Основни принципи на спарување вино со храна“ на кое ќе зборува Александар Вучковски, „Уметност на зреење на виното во дабови буриња“ за што ќе елаборира д-р Дане Јованов, на темата „Запознај ја винска Црна Гора“ ќе говори винскиот новинар Ивана Бољевиќ, за да на крај следи „Вертикална дегустација на шампионскиот Ten Barrels Syrah од винарија Камник“ за кој ќе говори енологот Сандра Георгиевска.