Скопскиот вински салон, „Винодонија 2019“ по четврти пат ги отвори вратите за посетителите од целиот Балкан кои имаат ексклузивна шанса да дегустираат повеќе од 450 различни вина од повеќе од 50 македонски и странски винарии.
На настанот кој се оддржува во хотелот „Мериот“ и годинава покрај дегустација на вино, присутните дегустираат и селекција на одбрани деликатеси, сирења, сувомеснати производи, маслинки, производи од вргањ, маслинови масла, пекарски производи, чоколадо, кафе, но и да посетат дел од работилниците, предавањата и мастер клас дегустациите.
Првиот фестивалски ден ги донесе предавањата и работилницита на м-р Радмила Павловска на тема „Маркетинг на виното“, веднаш по неа свое предавање имаше проф. д-р Горан Миланов кој ги запозна присутните со „Улогата на сулфурот во заштитата и производството на вино“, а последниот настан во салата за состаноци предвиден за денес беше „Вертикална дегустација на Аминта“ на винаријата Стоби.
За утре пак, покрај дегустациите, присутните ќе можат да ги посетат и предавањата на темите „Основни принципи на спарување вино со храна“ на кое ќе зборува Александар Вучковски, „Уметност на зреење на виното во дабови буриња“ за што ќе елаборира д-р Дане Јованов, на темата „Запознај ја винска Црна Гора“ ќе говори винскиот новинар Ивана Бољевиќ, за да на крај следи „Вертикална дегустација на шампионскиот Ten Barrels Syrah од винарија Камник“ за кој ќе говори енологот Сандра Георгиевска.
Целокупниот амбиент и во двата фестивалски дена ќе биде збогатен со звуците на професионални музички бендови.
Картите за „Скопски вински салон – Винодонија 2019“ можете да ги купите на самиот влез, пред почетокот на настанот по цена од 500 денари по лице, за секој ден посебно.