Авантуристи од цела Европа „го допреа сонцето“

Иако дефинитивно ќе ни требаат барем уште неколку денови, па можеби и недели за да во целост ги сумираме импресиите од првото издание на отворениот фестивал „АлШар – Допри го сонцето“ сепак и повеќе од јасно е дека разликата во генералната оценка за целиот труд на организаторите, здружението „Тиквешки точакџии“ и текот на целиот настан нема да биде премногу различна. И ова не е само наша субјективна оценка, ова е критиката на повеќето од илјада велосипедисти не само од Македонија, туку и од неколку европски земји, планинари, атлетичари, рекреативци, авантуристи и гости на најголемиот опен аир настан кој се случил во поткожувието.

А дека ќе биде се до перфекција беше јасно уште од самата најава на настанот и следењето на подготвителните активности, иако главниот тест беше на самиот терен. Патокази низ целата Тиквешија, одлична редарска служба која ниту за момент не дозволи сообраќајни застои и покрај тесните патеки, особено во селото, одлична програма во централната фестивалска зона, пунктови за освежување на велосипедските стази, техничка поддршка за велосипедистите, вредни награди, кампинг зона…

SONY DSC

Но, да одиме по ред, и да се вратиме на се она што се случуваше изминатиот викенд во поткожувието. Иако саботниот ден беше предвиден за пристигнување, кампинг зоната ги доби своите први гости уште во петокот. Саботниот ден ни го донесе и ревијалното возење на моторџиите по големата планинарска тура, а калта на моќните машини потврдуваше дека патеката ќе биде далеку повозбудлива за вистинските оф роуд вљубеници. По пладневната забава следуваше промоцијата на прикаската „Записите на ѓаволот од Мајден“, а продолжи со рок концерт на кавадаречката рок атракција „Смоук Шејкерс“ и настапи на кавадаречките диџеи.

SONY DSC

Централниот фестивалски ден започна доста рано. Кавадаречки пешии, јогурт и сирење ги пречека и оние кои се разбудија во Мрежичко, но и оние кои патуваа од рано изутрина, за потоа заеднички да се упатат на самиот старт. Поздравните говори на ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, професор-доктор Блажо Боев, генералниот менаџер на „Кожувчанка“ ДОО, Митко Јанчев и кавадаречката спортска икона, Петар Ангелов – Диви беа последната формалност пред стартот на првото издание на манифестацијата. Веднаш по велосипедистите, стартуваа и планинарските тури, но и планинските трки и биатлонски ревии. Иако речиси сите стази во најголем дел беа различни, сите учесници по враќањето во централната зона не го криеа воодушевувањето не само од патеката, туку и од восхитувачките глетки од зелени падини, бистри кладенци, извори на топла вода, рудникот Р’жаново, и секако мистичниот Алшар. Возбудата го совладуваше заморот, па споделувањето на импресиите започнуваше веднаш по пристигнувањето во централната фестивалска зона, продолжи се до доцните попладневни часови, и сеуште трае по социјалните мрежи.

SONY DSC

Наградната игра го најави крајот на премиерното издание на првиот отворен фестивал „АлШар – Допри го сонцето“. Најсреќните освен со спомени се вратија дома и со вредни награди, меѓу кои и највредната, велосипед, а сите останати со желба наредната година повторно да дојдат во поткожувието, да го допрат сонцето и да ја откријат тајната за почетокот на светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *