Само на неколку вина можам да се сетам добро, во изминативе години, што оставиле силен впечаток во мојата меморија. Тоа се харизматичните вина од Бордо. Го помнам речиси секој детал на тој извонреден вкус, за навек да трае моментот дека мајката Земја водела љубов со Сонцето, таму некаде крај Жиронда низ лозјата на Померол, Медок и Сент Емилион, опиени од свежиот ваздух од Атлантикот. А, сите знаеме дека француската љубов е шарена пеперутка на дланките на вљубените сонувачи. Ако ги затвориш дланките ќе ја скршиш, ако ги отвориш ќе ти избега.Токму такво е виното од Бордо. Papillon или пеперутка, голтка копнеж, многу страст, како голтка бордошко вино.
Французите имаат култ кон виното и неверојатна винска култура. Речиси со секој оброк пијат по неколку различни вина. Точно знаат со какво јадење какво вино оди, какви чаши се користат, како се сервира, во која сезона и за која пригода, кое вино се употребува. Тоа е општа посветеност, но и француски парадокс. Тие немаат алкохолизам, а нивото на кардиоваскуларни болести е ниско.
Од сите вински региони во Франција, Бордо е легендарен. Регионот се распослал по течението на реката Жиронда, во западна Франција, блиску до Атлански Океан. Самиот град Бордо е со ренесансна архитектура од 18 век, а истоимениот регион е полн со стари замоци кои имаат сопствени лозја, вински подруми и бренд, по кој се именуваат вината. Но, имаат и долга традиција, како и сопствена филозофија во правењето вино. Бордо дише и живее за виното. Регионот е поделен на 4 области: Saint Emilion, Pomerol, Medoc и Graves и окулу 37 локалитети од кој најпознати се: Pauliаc, Margaux, Fronsac, Lussac, Sauternes и др. Во нив егзистираат окулу 8500 винарии или chateau со окулу 60 стандардни апелации на контрола. Интересно е што за винариите тие стандарди во производството на вино се традиционално константни, пa постојано имаме ист квалитет, кој се задржал со векови. Годишното производство на вина од овој регион изнесува 700 милиони шишина, од нив 89 % се црвени вина познати уште како claret.
Бордошките вина главно се прават како бленд или мешавина од повеќе сорти, но секоја винарија има своја тајна формула. Карактеристично е што овој регион е татковина на Cabernet Savignon. Освен него, од тука потекнуваат и Cabernet Frank, Merlot, Petit Verdot, а помалку застапени се Malbec и Carmenere од црните сорти. Типични мешавини за црвен Бордо се: 70% Cabernet Savignon, 15% Merlot, 15% Cabernet Franc и обратно. Од белите сорти застапени се најмногу Semillon, Savignon Blanc, Muscadelle. Типичен бленд за бело Бордо е 80% Semillon, 20% Savignon blanc. Розето како категорија е помалку застапенао. Во секој случај тоа се елегантни и грациозни вина, меки во вкусот, но полни со букети од мириси, боите се скоро со неонски сјај, а ниту едно винo не се пушта во промет, пред да достигне оптимална зрелост и баланс.
Бордо регионот е посебен, затоа што има стил, каков што нема ниту еден друг вински регион во светот. Местото е жива историја, со добро сочувани ренесансни градови, реставрирани села, средновековни замоци и беспрекорни лозја. Тоа е голема туристичка атракција. Сите програми извонредно се осмислени и сместени во вински пат. Еден голем квантум на сознанија и наука за и околу виното, се наогаат во Бордо. Природата е целосно подредена и култивирана во насока на лозјата со високи еко–стандарди. Топлиот воздух од океанот и континенталната свежина се во извонреден климатски баланс. Атракција е што светскиот џет-сет овде има свои винарии.
За да се долови грандиозноста на овој проект наречен Бордо, ќе го спомнеме примерот на замокот
на југот од регионот, познат по производство на слатко вино. Тоа е предикативно вино кое се прави од сортата Semillon, по стандарди кои бараат доцна берба, само 850 кг од хектар. Грозјето се бере рачно и тоа само доволно презреани зрна, од лози на кои зреат еден или два грозда. Потоа две недели се суши природно, инфицирано со Bortrytis cinerea, за да има подобар вкус. Ширата која се обработува традиционално е високо концентрирана со шеќер (28%–32%), па со помош на природни квасци ферментира два пати, на контролирани температури за да се одржи бојата и вкусот. Виното зрее во дрвени буриња најмалку 2 до 3 години и стаклени шишиња уште 3 години во подрумите на замокот. Не е ни чудо што едно вакво шише од 0,5 л. со етикета на замокот чини 80 долари. Замокот има и банка на вино во која се чуваат супериор вина од специјални берби, од исклучителни сезони и премиум квалитет, кои се продаваат како акции и кои имаат висока вредност на светските берзи.
Француските вина имаат три ознаки на етикетите. Vine de pays, народни или регионални, се однесуваат на вина за широка употреба, vine de table или столни вина, кои се сервираат со храна, а само бордошките вина имаат строга контрола или апелација. Затоа не пропуштајте да ги пробате вината со ознака Appellation controlee les grandes vine de Bordoaux.