Да гледате плантажи со лозови насади одморајќи си ги очите и да пиете пенливо розе вино што ви ја гали душата. Такво е чувството ако одлучите да бидете дел од магичната винска приказна на винаријата „Попов” во кавадаречкото село Сопот. Петре Манчев, кој е енолог и управител на винарницата, ни откри дека токму мистичноста и атрактивноста на локацијата е магнетот што ги привлекува љубителите на вино кај нив.
Туристите што доаѓаат, си заминуваат задоволни. Тие им раскажуваат на свои блиски за тоа колку убаво си поминале тука, па бидејќи добриот глас далеку се слуша, на многу други ние сме им винскиот избор токму поради добрата препорака – се пофали тој.
Додека го дегустиравме виното од сортата „пино-ноар“, ни кажа дека досегашното рачно полнење на шишињата е заменето со полнилница, проект финансиски поддржан од ИПАРД-програмата. Инвестирано е и во 300 декари нови, сопствени лозови насади, покрај веќе постојните 100.
– Лозјата се на прекрасна микролокација, месноста Вршник. Самото име кажува дека ќе имаме добро „испечено“ грозје, како под вршник, што се вели – коментира нашиот соговорник.
Успешноста на нивното работење се гледа од фактот што го зголемиле производството и продажбата на вино, од освоените награди за квалитет, но и од бројот на вработени во винарницата.
За да го задржиме стандардниот квалитет ние го ограничуваме родот кај лозјата. За разлика од индивидуалните производители, на пример, кои од еден декар берат и по две илјади килограми грозје, ние дозволуваме берба на 600 до 800 килограми. Понекогаш само 450 килограми – ни објасни Манчев.