Есента уште со своите први часови не потсети дека топлината на сонцето се поретко ќе ја чуствуваме, и ги најави деновите во кои се почесто ќе го минуваме времето покрај камин, со добро друштво, високо калорична храна и виното Фаворит на винарската визба „Гоце Делчев – Тиквеш“.
„Фаворит“ е моќно суво вино со полно тело, гранат до темно гранат во боја, овошно на карактер, на непцето се концентрираат лесни танини со комплексна арома и вкус, прегрнати од шумско овошје, сушени плодови, чоколада, зелена пиперка, кедар и тутун. Позадинска арома на мајчина душичка му дава на ова вино еден минерален тон кој одлично се вклопува во целата структура .
Произведено е од четири сорти на грозје, Каберне Совињон, Каберне Франк, Мерло и Сирах, зреени на надморска височина од 310 до 480 метри на непрегледните плантажи со винова лоза на ВВМ „Гоце Делчев – Тиквеш“.
Подготовката на виното започнува со примената на специјална ампелотехничка техника уште пред самата берба на грозјето. По бербата, сите вариетети ферментираат заедно во предходно утврден сооднос, а пред да се пушти во продажба, ова вино одлежува најмалку две години во специјални дрвени дабови буриња.
Виното „Фаворит“ се служи на температура од 18 до 20 степени, и тоа во комбинација со дивеч, бифтек, печено месо и месо на скара, пушено месо, полномасни видови сирење и кашкавал.