Во Кина откриено вино старо 2000 години

Кинеските археолози неодамна во гробница во покраината Хенан откриле бронзен сад стар 2000 години со течност која би можела да биде вино, јавуваат кинеските медиуми.

Добро затворениот сад содржи околу три и пол литри течност со жолтеникава боја, велат археолозите откако ја отвориле. Според мирисот, претпоставуваат дека станува збор за вино.

Течноста ќе биде испратена на лабораториска анализа за да се утврди дали содржи алкохол.

Во гробницата била пронајдена и светилка во облик на дива гуска.

Ако се потврди претпоставката дека во садот има вино, тоа би можело да потекнува од периодот на династијата Хан, која владеела со Кина од 206 година п.н.е. до 220 година.

Медиумите не наведуваат на кој начин бил затворен садот бидејќи течноста останала добро зачувана и алкохолот не испарил.

Агенцијата Нова Кина потсетува дека алкохолните пијалаци од истиот период и претходно биле пронаоѓани. Се додава дека станува збор за алкохоли на база на ориз и кинеска шеќерна трска кои најчесто ги чувале во садови од бронза. Тие се користели при разни ритуали и свечености.

Во 2010 година кинеските археолози за време на изведување на градежни работи во близина на аеродромот Ксиан, откопале сад стар 2400 години во кој имало супа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *