Кина доби футуристичка винарија

За потребите на кинеската винарска визба „Great Wall“, архитектонското студио од Пекинг „a + a Anderloni Associates“ го проектиралo објектот што има жолтеникаво-портокалова боја на фасадата со исклучиво модернистички и футуристички изглед, сместен во пространите лозови насади во кинеската покраина Јингшија.2
Ентериерот на овој објект се простира на 14.500 м2 и е обликуван според кинеските принципи и склоности за богати содржини и користење на голем број симболи.
Во северните делови на покраината Јингшија се наоѓаат пространства кои претставуваат оази сместени во средината на полупустински предели. Овие оази најчесто претставуваат земјоделски земјишта кои се доста плодни, особено оние што се наоѓаат во горниот дел на течението на Жолта река.

2
На западната граница на големиот гребен на Хелен планина, зад која продолжува пустината Гоби, сместен е овој перфектно осмислен објект на винаријата „Great Wall“, инспириран токму од масивот на планината Хелен, па така целосно се вклопува во пејзажот што претставува негово опкружување.
Основачот на архитектонското студио „a + a Anderloni Associates“ Фабио Андерлони, вели дека во оваа „прекрасна месечева површина“ зреат едни од најубавите вина во Кина. Поради тоа што Европејците секогаш ја сметале кинеската култура за пример на добра култура, локалното население, за возврат, овие предели условно ги нарекува со називот „кинеско Бордо“, споредувајќи ги овие вина со врвните француски вина.

3
Покрај тоа што во последно време сме навикнати и Кинезите да градат модерна архитектура по светски стандарди, особено ако се присетиме на мегапроектите од Пекинг и останатите големи и развиени центри во Кина, тие сè повеќе сакаат да се навраќаат на својата историја и својот специфичен начин на градење и организирање на градбите.
Најпознатиот винарски бренд во Кина е винарската визба „Great Wall“, а оваа винарија го изградила објектот „Great Wall Yunmo Winery“, кој е дело на архитектите од архитектонското студио „a + a Anderloni Associates“.

4
Изграден во 2006 година, овој објект е едно од попрочуените дела на кинеско-италијанската архитектонска фирма со седиште во Пекинг, со изглед на кристални остатоци среде лозовите насади. Мора да се потенцира и фасадното обликување на овој објект кое е со жолтеникаво–портокалова боја на површините, кои се целосно затворени и ја симболизираат планината во заднината на објектот.
Исто така, освен со овие полни површини, овој објект е обликуван и со површини кои се целосно застаклени, па така неговите посетителите можат да уживаат во пространите погледи кон полињата насадени со винова лоза.
Посебно импресивниот панорамски поглед се пружа од терасата што се наоѓа на кровот на објектот, а од ресторанот што се наоѓа на катот, каде се наоѓаат бетонски столбови со огледален сјај на бетонот, се репродуцира прекрасен пејзаж. Остатокот од катот е резервиран, главно, за канцелариски простор. Приземјето, пак, е поделено на пет делови по должината од север кон југ.

5
На двата крајни делови од оваа основа, исто така се наоѓаат одредени канцеларии и администрација, додека пак во централните три дела се поставени влезот во објектот, како и влезното лоби, изложбена сала за поголем број гости, како и продажен салон со простор за дегустација на врвни сортни вина. Во подрумското ниво на овој објект е сместен најважниот дел на оваа винирија, а тоа се подрумите со винските бочви.
Oбјектот има внатрешна „завеса“ преку која е многу тешко да се воочи и препознае неговиот надворешен изглед. Овој објект има двослојна фасада, чии слоеви се независни еден од друг, а просторот помеѓу нив служи како термичка заштита на објектот од надворешните влијанија. Влезното лоби и продажниот салон се впишани како кружни облици кои не се препознаваат на фасадата. Двовисинската дрвена скулптура во влезната партија формално ја симболизира винската бочва и претставува нејзина модерна интерпретација.

7
Од овој простор преку кружни скалила може да се спуштите во подрумскиот простор, каде, пак, во круг „како во римскиот циркус“ (Фабио Андерлони), се наредени винските буриња околу еден кружен базен со вода. Не помалку важен простор е следната просторија која, впрочем, е и главниот вински подрум кој е обликуван со бетонски подови и греди кои се кафеавкасто обоени, црвени завеси и костенливи висечки светилки кои сите заедно на овој простор му даваат лик меѓу крипта и индустриска зграда.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *