Словенечката винарија Пуклавец отвора „бутик“ винарска визба во Неготино. Со оваа вредна инвестиција Пуклавец го проширува својот асортиман со производството на црвени вина од македонско грозје. Вината што ќе се произведуваат во неготинската винарија, новиот бренд на Пуклавец, ќе бидат класифицирани во три квалитативни сегменти и на пазарот ќе се пласираат под името Инстинкт. Достапни за продажба ќе бидат до крајот на годината.
„Со инвестицијата во винарската визба во Неготино, само ја прошируваме целта и визијата што ја имаме воопшто во Пуклавец, а тоа е производство на вина кои можат да се натпреваруваат со најдобрите светски вина на меѓународните пазари. Македонското виногорје е познато по црвените раси, а македонските црвени вина се познати по богатството на вкусот, зрели и комплексни ароми. Овој вид вино е високо ценет на меѓународните пазари и токму тоа ќе го понудиме. Нашата првична амбиција, да бидеме меѓу најдобрите производители на вино во светот, расте и се засилува токму со винаријата во Северна Македонија, што ќе ни овозможи дополнително растење, развивање и збогатување на портфолиото на Пуклавец“, изјави Владимир Пуклавец, сопственик на семејната винарија.