Вински настани – Декември 2019

Македонските вина во Швајцарија

Седум македонски винарници (Тиквеш, Стоби, Далвина, Бовин, Камник, Попов и Езимит)  заеднички ги презентираа своите вина пред дистрибутери, увозници, претставници на угостителски објекти и други професионални купувачи на вино на швајцарскиот пазар.

Промоцијата, што се одржа вчера во Цирих,  е дел од редицата промотивни настани за градење препознатливост на македонските вина на интернационалните пазари.

„При претставувањето на македонските вина посебен акцент беше ставен на сортата вранец, како најзначаен претставник на македонските вина, а беа организирани две Мастерклас дегустации за вранец, кои ги водеше реномираниот вински сомелиер и вински новинар Карстен Фус, соопшти денеска Здружението „Вина од Македонија“ кои го организираа настанот со поддршка на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Проектот за зголемување на пазарната вработливост, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка“, имплементиран од Паладиум.

Покрај промотивниот настан ќе се реализираат и поинакви форми на претставување. Во почетокот на 2020 година ќе биде објавена статија со репортажа од македонските вински региони во најпознатиот швајцарски вински магазин „Винум“.

Швајцарија се наоѓа на деветто место на листата топ 10 најголеми увозници на вино во светот и опфаќа 3,2 процента од вкупниот увоз на вино во светот со вредност од 1,2 милјарди американски долари. Оттаму, потенцираат од „Вина од Македонија“, се оценува дека швајцарскиот пазар има голем потенцијал за македонското вино. Извозот на македонските винарници на овој пазар забележува раст од 15 проценти во количина. Истовремено, според податоците за извоз, македонското флаширано вино на овој пазар постигнува најголема извозна просечна цена по единица производ од пет евра за 0,75 литри.

Овој месец следуваат промотивни настани на македонско вино и во Азија, каде македонските винарници со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Програмата за поддршка на руралиот развој за 2019 година ќе имаат можност да се претстават на пазарите во Сингапур и Кина.

„Целта на овие промотивни настани е градење препознатливост на македонското вино и остварување контакт со потенцијални увозници и дистрибутери со цел да се зголеми извозот на македонското вино на интернационалните пазари. Токму поддршката и организацијата на овие промотивни настани даваат позитивни резултати и во делот на градење на брендот и имиџот на македонското вино“, наведуваат од Здружението „Вина од Македонија“.