Моја темјаника

Темјаниката е сорта грозје што нема точно утврдено и познато потекло, а се претпоставува дека потекнува од Блискиот Исток. Претставува една од најстарите и најраспросраени сорти во светот, а во Македонија е најзастапена во Тиквешијата. Сортата го добила името од изразениот мирис на мајчина душица, односно темјан.

Темјаниката зрее при крајот на август или во почетокот на септември, на лесни и умерено влажни почви. Таа е најпогодна мускатна сорта за топли виногорја. Има среден принос. Грозјето е со дебела, црвста луша со зелено-жолта боја, на сончевата страна има ’рѓести точки. Сокот е безбоени со изразен мускатен мирис.

Од темјаниката се добиваат квалитетни и врвни суви, полусуви и десертни мускатни вина. Виното од темјаника има интензивна златно-жолта боја со зелени нијанси, а го одликува силна свежина со полн вкус што се чувствува долго. Аромите се силно мускатни и зачински, а се чувствува и вкус на кајсија, сушена слива или кора од портокал.

Виното од темјаника се служи на температура од 10-12 степени, а може да го пиете во придружба на лесна храна, бело месо, морска храна и десерти. Сепак, затоа што има богати ароми, може слободно да го послужите и да го пиете самостојно.