Во духот на традицијата, но и со богата културно-уметничка програма, Кавадарци го чествуваше празникот на лозарите и овоштарите „Свети Трифун“.
Чествувањето започна уште во саботата, и тоа со отворање на Изложбата на фотографии посветени на лозарството во Тиквешијата низ историјата. Во Музејот на вкусот и мирисот, беа поместени стотина фотографии, кои ја пренесуваат вековната традиција на народот кој живее на овие простори.
„Ако е по нешто препознатлива Тиквешијата, односно Кавадарци како центар на тиквешкиот виногорски регион, тоа е бездруго лозарството, кое на овие простори се одгледувало уште во античкиот период. За тоа сведочат многубројните артефакти како антички стели, релјефи, мозаици, по античките локалитети во Тиквешијата“ – рече меѓу другото директорот на Музеј галеријата на град Кавадарци и автор на изложбата, Петре Камчевски.
Тој нагласи дека античките Македонци кои живееле во овој дел од Македонија со многу љубов и умешност ја негувале традицијата во одгледувањето на виновата лоза, за што сведочат бројните мозаици, луцерни и релјефи откриени на бројните локалитети во овој крај.
Чествувањето продолжи со уште еден спектакуларен концерт на фолклорниот ансамбл „Тиквеш“, а забавата продолжи на градскиот плоштад каде во пријатната вечер по дождливиот ден во музиката на „Тајфата на Димо Дулот“ уживаа неколку стотина кавадарчани, но и гости од други градови и соседните земји.
Во духот на традицијата, неделното утро започна со света архиерејска литургија во црквата „Свети Димитрија“, со која чиноначелствуваа архиереите, владиката Повардарски Господин Агатангел, владиката Дебарско-Кичевски Господин Тимотеј и владиката Европски Господин Пимен. Потоа, следуваше закројување на виновите лози во дворот на црквата.
Во своето обраќање кон јавноста, градоначалникот Панов му посака успешна и плодна година на сите лозари, а на винариите навремено исплаќање на откупеното грозје, проблем кој за жал е актуелен и годинава.
Завршниот дел од празничната програма се случи на градскиот плоштад во Кавадарци. Богатата програма и топлото февруарско сонце привлекоа неколку илјади граѓани кои уживаа во настапите на учениците од ЗШУЦ „Ѓорче Петров“ и Богев бенд, но и во дегустацијата на производите од грозје на Винарии од Кавадарци и дегустацијата на храна подготвена од Вешти жени од Кавадарци и Вешти жени од Бољевац, Република Србија.