Во атарите на неготинските села Курија и Црвени Брегови, оформени се и понудени на продажба 17 градежни парцели за изградба на нови винарии од кои досега се продадени шест парцели, а бидејќи постои интерес, постои оптимизам дека и останатите парцели ќе се продадат, соопшти градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов.
– Неготино е општина со најголем број на винарии по глава на жител во Република Македонија и ние како локална самоуправа во соработка со Владата и Министерството за земјоделство ќе продолжиме со активности да го зачуваме приматот на респектабилен лозаро-винарски регион, рече Апостолов.
Градоначалникот додаде дека тоа придонесува за зголемена конкуренција при откупот на родот, лозарите имаат поголем избор каде да го предадат произведеното грозје, а сето заедно резултира со релаксирана атмосфера за време на откупот и бербата на винските сорти грозје во последните неколку години.