Во „Стоби“ се славеше свети Трифун – заштитникот нa лозарите

Православните христијани вчера го прославија празникот Св. Трифун со желба за добро здравје и богат род на лозјата. Според народните верувања, свети Трифун се грижи за лозјето и за виното. Се верува дека тој ги штити насадите и градините од разни штети и несреќи. Како и изминатите години така и оваа со литургија, закројување на лозите и богата музичка програма празникот беше одбележан и во винарницата „Стоби“. Првите луѓе на винарницата, заедно со сопственикот Минчо Јорданов, ги пресекоа првите лозови прачки, со што ја означија оваа винарска година за започната, а за здравје и среќа ја поделија погачата со вино и шеќер, која беше осветена од свештените лица. Со верска литургија, која е во согласност со христијанските обичаи, се посака успешна година во која лозовите насади ќе родат богато и вкусно грозје, кое на илјадници семејства ќе им донесе добра иднина.
На речиси целодневната прослава присуствуваа голем број претставници од бизнис-секторот, амбасадори, поранешни и актуелни функционери. Настанот почна со молитва, осветување и закројување на лозите, а продолжи со настапи на популарниот бенд „Љубојна“ и трубачот Џамбо Агушев, диџејот Џон Антонио и гудачкиот секстет на Пламенка Трајковска. Гостите уживаа во музиката и ги дегустираа новите премиум-вина на „Стоби“, кои беа промовирани во декември минатата година. Станува збор за „акација“, „аура“, „аксиос“, „аминта“, „вердо“ и „веритас“, кои го претставуваат најдоброто од најдоброто, создадено од стручниот тим на винарницата.
Бериќетна година беше една од желбите споменати во молитвата кон св. Трифун. Раководниот тим на „Стоби“, пак, посочува дека се надева оти 2016 година ќе биде добра како и ланската.
– Задоволни сме од тоа како се развива нашата приказна и фокусирани сме кон тоа да продолжиме да чекориме по нагорна патека. Минатата година добивме огромен број препораки и пофалби од вински стручњаци од реномирани медиуми како „Вашингтон пост“, „Волстрит журнал“, од винскиот советник на кралицата Елизабета итн. Бевме на најстариот вински натпревар во светот, кој се одржува во Словенија, и се вративме со четири златни медали. Воедно голем чекор нанапред беше и промоцијата на вината од премиум-линијата, кои во моментов се наш најсилен адут, така што се надеваме дека св. Трифун ќе продолжи да нè штити и оваа година – вели Ана Јорданова, главна винска уредничка во винарницата. „Стоби“ е модерно конципирана македонска винарница, лоцирана во општината Градско, веднаш до античкиот локалитет Стоби, од каде што го добива и своето име. Произведува повеќе од 15 типа вино, од кои некои се продаваат и на европскиот и на американскиот пазар.

– Како и секоја година се надеваме на добар, богат и квалитетен род, што е најзначајно. Сепак, да споменеме дека оваа година временските услови не беа многу погодни, имаме подолг сушен период, но сепак тоа за лозите одговара, со тоа што ако времето продолжи вака, ќе имаме малку намален род, но тој ќе биде многу квалитетен. Сега гледаме во текот на развојот на лозата да не се појават некакви болести, а тоа значи да поминеме со помал број заштити, со помалку хемија на насадите. Сето тоа значи да имаме поквалитетно грозје, а со тоа, пак, и поквалитетно вино. Клучот на нашиот успех е тоа што немаме компромис за квалитетот. Вложувањето во земјата, вложувањето во агротехниката, во навремена и квалитетна заштита, особено исхраната на лозата и наводнувањето во времето кога е најнеопходно мора да се испочитуваат. Исто така во план ни е и проекцијата на родот, како и евентуална зелена резидба, сѐ со цел максимален квалитет – ни изјави Ѓорѓи Јованов Хермес, главен енолог во винарницата „Стоби“.
Севкупниот капацитет на „Стоби“ е 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино годишно, распределено во 4 категории – премиум, елит, класик и традиционално. Производството се базира исклучиво на сопствените лозови насади, кои се простираат на површина од 600 хектари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *