Анче Наневска е сомелиерка, доцентка за храна и вино, независна консултантка на интернационални компании за креирање еногастрономска селекција. Неодамна стана и бренд-амбасадорка на австриската компанија „Традо ГмбХ“, која се занимава со ексклузивни еногастрономски производи и има визија на врвен квалитет што го споделува со светот. Во Македонија дојде по покана, како предавач на дегустација на пенливи вина.
– Работам како винска едукаторка и како сомелиерка речиси осум години, во чија тек имав можност да водам вински дегустации на англиски, италијански и француски јазик. Кога започнав да се занимавам со оваа професија, не можев ниту да претпоставам дека еден ден ќе стојам и пред македонска публика и ќе раскажувам за вина на мојот мајчин македонски јазик. Дегустацијата на пенливи вина се случи на 8 јануари во Скопје, прва од ваков вид во Македонија, и имаше за цел подлабоко да ја обработи темата на пенливите вина, а јас бев поканета како предавачка. Организатор на дегустацијата беше Ивана Симјановска, моја драга колешка и авторка на првиот македонски водич за вино, на која многу ѝ благодарам на поканата. На презентацијата направивме „винска“ прошетка низ три земји-првенки во производството на пенливи вина, Италија, Франција и Шпанија, и ги дегустиравме вината „просеко“, „кава“ и „шампањ“. Она што можам да го кажам е дека иницијативата за дегустација на пенливи вина беше топло прифатена од љубителите на вино што беа присутни и имаа можност да слушнат нешто повеќе за начинот на нивна изработка, за нивната богата историја и за нивното комбинирање со храна, а наедно и да пробаат шест врвни вина од најславните светски производители.
Дали оваа дегустација покажа дека има интерес за организирање други вакви и слични презентации и дали има заинтересираност да се научи повеќе за пенливите вина?
– Заинтересираноста беше изненадувачка и тоа нѐ наведе да размислуваме наскоро да организираме повторна средба од ваков вид, за да им дадеме шанса и на оние што овој пат не успеаја да присуствуваат, да го откријат заедно со мене магичниот свет на вистинските меурчиња. Тоа што со задоволство со мене ќе го понесам во Лондон од оваа дегустација се емоцијата и задоволството. Особено сум среќна што кај македонските љубители на вино видов жед за знаење и отвореност кон нови идеи. Сметам дека Македонија прави значајни чекори напред во поглед на виното и тоа веќе се чувствува и дише. Се надевам дека еден ден таа ќе биде застапена на интернационално ниво онака како што заслужува и дека во рестораните, енотеките и винските барови во Лондон и во Рим македонските вина ќе бидат составен дел од винските листи.
Моментно живеете и работите во Лондон, град што многумина го сметаат за светски центар на виното?
– Родена сум и израсната во Македонија, горда на оваа мала но толку богата земја со култура и историја и за мене неверојатно полна со контрасти и бои. Мојот роден град е Кавадарци, што значи дека уште мала бев опкружена со бескрајните пејзажи од винова лоза во Тиквешијата. Подоцнежниот избор да тргнам по патот на виното за среќа беше неизбежен. Зборувам седум јазици, а би сакала да зборувам 700 за да можам да раскажам сѐ и да сослушам секого. Јас сум Македонка, но „посвоена“ во Италија, каде што поминав 20 години. Често патував и го впивав медитеранскиот дух, кој верувам успешно го дополнувам со мојот балкански темперамент и на тоа сум особено горда. Моментно живеам и работам во Лондон, град во кој ти се чини дека сѐ е веќе направено, а секогаш има простор многу ново да се направи. Во Лондон дојдов накратко, колку да го почувствувам неговиот вибрирачки пулс, и среќно заталкав маѓепсана од неговите звуци и мириси, па решив да останам.
Во што верувате?
-Верувам во моќта на убавината, во едноставноста и добрината. Верувам длабоко во значењето на автентичноста. Знам дека оној што ќе научи да ја препознае силата на едноставните нешта ќе живее во други бои, а мене некој ме научил да ги видам тие бои, па затоа сакам да ги споделам. Моето мото е: научи да гледаш со нови очи наместо да бараш нови работи. Тие се веќе во тебе.
Анче Наневска пишува книга на тема пенливи вина, и тоа на македонски и на српски јазик. Промоцијата се предвидува да се случи кон крајот на 2016 година, што сигурно ќе биде повод за нејзино почесто присуство во Македонија и во регионот.
Автор: Мирјана Мукаетова