По крајот на туристичката сезона во Охрид, охриѓани конечно можат да си препуштат време и за себе, а еден од начините да се помине квалитетно време секако се и винските дегустации. Во прекрасниот амбиент на хотелот „Тино – Св. Стефан“ во Охрид се оддржа дегустација на вината од винаријата „Далвина“.
Во „Далвина“ е инсталирана најквалитетната технологија која постои во светот, со која грозјето се третира на нежен начин, односно се користи цело зрно во производството на вината, за да се добие максимален квалитет и да се задржат состојките кои едно вино го прават навистина квалитетно. А квалитетот на виното се следи постојано во процесот на производство и зреење во специјална лабораторија, додека процесот завршува во сопствена линија за флаширање. – истакна Делчо Балтовски, сопственик на винаријата „Далвина“.
Присутните имаа можност да вкусат две бели вина од сортите Жупљанка (2018) и Совињон блан (2017), како и четири исклучително квалитетни црни вина: Вранец – Хермес (2015), Синтезис куве барик (2015), Дионис Сирах (2016) и Дионис Мерло (2016).
„Во Македонија 50% од лозовите насади се црни, а 50% бели сорти вино. Од црните половина од насадите се од сортата Вранец, која иако потекнува од Црна Гора кај нас ја има најмногу и е со исклучителен квалитет признаен во светот. Таков е случајот и со виното Вранец – Хермес кое е зреано во специјални услови со дабово дрво. Ова вино на натпреварот „Мондус вини“ во Дизелдорф, Германија, освои Голема златна медаља. Виното Синтезис куве барик, кое е комбинација од вранец (50%), каберне севињон (25%) и мерло (50%), пак, на саемот во Лондон минатиот април освои злато, а исклучителното вино Дионис Сирах кое се произведува од познатата персиска сорта, зреено во специјални услови со дрво 14 месеци, е добитник на голем број врвни награди и признанија – истакна енологот Миланов, кој на присутните на дегустацијата им ги откри тајните на квалитетните вина на винаријата „Далвина“.