Во Гевгелија се одржа успешна презентација на локална храна и вино, која привлече внимание кај гевгеличани, но и други гости. Општина Гевгелија беше организатор на оваа тридневната манифестација насловена како „Фестивал на локална храна и вино 2019“, која се одржа со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Производителите на храна и вино, преработувачите на земјоделски производи и локалните пчелари на своите штандови поставени на шеталиштето, во центарот на градот, ги изложија своите производи, овозможувајќи им на посетителите да ги дегустираат и да ги купат.
На фестивалот учествуваа десеттина производители на преработки од овошје и зеленчук, пчелари, винари, лебопекари и претпријатија за производство на колачи.
Манифестацијата беше збогатена со културно – уметничка програма во која учествуваа локални фолклорни ансамбли, танчерски групи, како и ученици од основните училишта и гевгеликите градинки кои преку песни, игри и ликовни работилници го афирмираа локалното творештво. Оваа манифестација треба да стане традиционална, бидејќи гевгелиските производители на преработки од зеленчук и овошје, винари, здруженија на пчелари се надалеку познати надвор од земјата. Најголемиот дел од своето конзервирано производство го извезуваат, но, помалку се познати меѓу самите гевгеличани и жители на поширокиот регион, велат во општина Гевгелија, порачувајќи дека идната година фестивалот ќе биде уште побогат и поразновиден.