Фестивалот на младо вино кој по јубилеен десетти пат го организираше винарската визба „Тиквеш“ и годинава ги собра на едно место голем број јавни личности од сите сфери на општественото живеење. Во изминатите два дена можност да ги пробаат младите вина од годинешната берба имаа соработници на винарницата, претставници на дипломатскиот кор, институциите, бизнис секторот и на медиумите од земјава и регионот, кои освен во виното уживаа во музиката на Павле Камиловски, Џијан Емин и „Магичен бенд“, и Џамбо Агушев и неговиот бенд.
Според првите оценки на енолозите и присутните на овој реномиран настан, вината од годинешната берба располагаат со одлични карактеристики и предиспозиции за многу нови медали, признанија и високи оценки на реномирани светски вински натпревари, со што ќе го потврдат и надминат успехот од минатите години.
Инаку, оваа година поминува во знак на обемните инвестиции на „Тиквеш“, насочени пред сé во проширување на сопствените лозови насади со нови 140 хектари, со цел понатамошно зајакнување на портфолиото на вина од премиум сегментот, што ќе овозможи да се зацврстат и унaпредат постојните пазарни позиции, особено на најзначајните светски пазари. Дополнително, винарницата инвестираше и близу еден милион евра во нов логистички центар со кој се зголемува ефикасноста во дистибуцијата и достапноста на виното на домашниот пазар.
И оваа година, согласно својата трајна определба за општествено одговорно делување, „Тиквеш“ им овозможи на сите посетители на Фестивалот да дадат свои парични донации, кои заедно со дополнителни финансиски средства што ќе ги одвои компанијата, ќе бидат наменети за изградба на детско игралиште во Кавадарци.