Рекордни сто мостри пристигнале на натпреварот за младо вино од домашни производители, кој го организира македонското Здружение на винари со седиште во Кавадарци.
Потпретседателот Елена Богева информираше дека заврши дегустацијата од страна на стручни лица енолози, кои ги оценија белите и црвените вина произведени во домашни услови.
– Можам да кажам дека задоволството е огромно бидејќи пробавме вина со извонреден квалитет. Тоа значи дека индивидуалните производители го усовршуваат занаетот и полека но сигурно стануваат мајстори за правење на добро вино. Некои од нив слободно може да го развијат тоа свое умеење во семеен бизнис, нагласи Богева.
Натпреварот се реализира во соработка со Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип.
– Настанот е во чест на манифестацијата Beaujolais Nouveau (Божоле Нуво) која во светот се празнува од 1937 година и започнува во 00:01 часот секој трет четврток во месец ноември, потсети претседателот Милица Плетварска Глигоровска.
Главниот настан е на 21 ноември во ресторанот „Сино“, кога ќе бидат доделени наградите за најдобрите вина. Сите учесници имаат можност за презентација, а ќе можат и да се дегустираат сите пријавени мостри. Истовремено, најавена е и промоција на книгата „Каде што реката го бакнуваше небото” од проф. Билјана Тинтоска, за првиот дипломиран македонски енолог во Полска.