Made in Macedonia

Во Македонија постојат неколку автентични сорти грозје, кои растат во поблискиот регион, но само една од нив вирее единствено на македонска почва. Станува збор за станушина – стара сорта грозје што може да се најде само во Тиквешкиот регион.

Главната карактеристика на оваа сорта претставува издржливоста. Во одреден период од минатото постоела опасност да исчезне, поради тоа што малкумина ѝ посветувале доволно внимание, но станушината успеала да опстане.

Од неа се добива вино со висок квалитет.

Лозата на станушината созрева доцна, студот не ѝ пречи и дава добри приноси. Кога ќе влезе во визбата, грозјето бара големо внимание и вистинска посветеност. Доколку гоината е добра, тогаш може да обезбеди вино со средна јачина од 11 до 12 проценти алкохол.

Виното го карактеризира нежна арома на јагоди и малини, а овошните ноти се истакнуваат најмногу кога виното се консумира младо. Најдобро е да се послужи на температура од 10 до 16°C. Одличен избор е кога виното се комбинира со лесни и кремасти пудинзи, а главните карактеристики уште повеќе доаѓаат до израз кога се сервира со зелена салата, сармички, полнети пиперки или со некои полесни јадења.

Бојата на виното добиено од станушина има карактеристична бледа нијанса, богат екстракт и висока киселост, што му дава извонредна свежина на пијалакот. Ова вино го обожуваат и луѓето со префинет вкус, кои при посетата на Македонија никогаш не испуштаат можност да земат барем едно шише со себе.

Вкусете го и вие ова драгоцено вино од единственото вистинско македонско грозје. Кога ќе се напиете само една капка, ќе сфатите дека испивате дел од македонската историја испишана во него.