Да се потсетиме

Професорот Влатко Тасев од Кавадарци создаде сино и зелено вино, со што се отвара ново поглавје за вината не само во земјава, туку и во регионот.

Синото вино стана вистински хит во Шпанија пред две години, но македонското сино вино уште е непознато за пошироката јавност.  Професорот Тасев долги години се занимава со производство на вино, и сака да експериментира. Сепак, тајната за тоа како го создал виното не ја открива.

„Сакам да истражувам на полињата кои ми се интересни и така настана и идејата да се создаде нешто ново, различно и атрактивно, но сепак да ја задржи автентичноста и оригиналноста. Тајната е токму во горенаведеното, исто, а различно. Диверзитетот во колоритноста е единственото нешто по што се разликуваат овие вина од останатите. Вкусот и мирисот се непроменети и ги имаат карактеристиките на видовите грозје од кои се направени“ – вели Тасев.

Раскажува дека оние кои веќе го пробале виното имаат пофалби и позитивни коментари.

„Им се допаѓа, секако, а најмногу се воодушевени од визуелната карактеристика на овие вина. Од кога знам за себе, мојот татко и мојот дедо си правеа винце за своја душа и беа познати во своите кругови по вкусното вино и ракија. Уште од многу мал ми се всади таа љубов кон производството на овој божествен напиток“ – раскажува професорот.

Сепак, се согласува дека виното не е промовирано доволно од причина што се работи за мала количина на вино

„Моите пријатели од vinotika.mk ја проследија оваа своевидна промоција на овој вински настан до познатиот српски портал vino.rs и тоа е сè. Инаку за некоја посериозна и вистинска промоција мислам дека нема да има, бидејќи се работи за многу мала количина на вино, а голем дел од тоа вино веќе се испи и се подари на мои пријатели и љубопитни винољупци“ – вели Тасев.

Професорот најавува дека и во иднина ќе експериментира, но ќе остане мала тајна и во секој случај нема да отстапи од задржување на оригиналните, природни карактеристики на виното.