Производството на вино е вистинска уметност, креативен процес во кој винарот ги вклучува своите визии, знаење и искуства во производството и во презентацијата на приказната која сака да ја пренеси преку виното. Пред се треба да се има љубов и почит кон виновата лоза и природата, за да може винската приказна вистински да се живее. Секој кој ги поседува овие особености, може да работи, да твори и да егзистира од производството на вино е ставот на кои ја темели својата работа младиот винар, Сашко Андов од винаријата „Ерос“.
Вино со ѕвезди
Сместена во село Марена, Кавадарци, оваа винарија веќе четврта година ја применува техниката на „ноќна берба“ која кај нас не е пошироко позната, но со децени се применува на други места низ светот. Грозјето се бере исклучиво ноќе, додека лозата „спие” нема размена на материи и сите ароматични компоненти се задржуваат во зрната. Предноста е што се избегнуваат високите температури кои за време на бербата негативно влијаат на квалитетот на грозјето. Ноќната берба придонесува вината да ги зачуваат ароматските карактеристики на сортата и да постигнат повисок квалитет на виното. Па така и Темјаниката „Стелар“ на Ерос е со висок ароматски интензитет и нагласени, конкретни вкусови и мириси.
„Идеата ја видов на интернет, многу земји во светот од поодамна ја практикуваат техниката на „ноќна берба“, која овозможува не само зачувување на квалитетот на грозјето како суровина за вино, туку ги скратува трошоците за разладување на грозјето и се избегнуваат дневните горештини, така што за берачите ова е берба во која тие уживаат во работата“ ќе рече Сашко.
Оваа година, веќе воспоставената традиција, премина во своевидна атракција, бидејќи за самата берба се пријавија доброволци, љубители на Темјаниката и следбеници на овој езотеричен концепт на Сашко. Нивното доживување не го криеа и со споделување на нивните импресии со фотографии и коментари на социјалните мрежи.
Новата генерација на винари
Младиот Сашко припаѓа на новата генерација на винари, кои се појавуваат последниве години и кои се фокусирани на семејните производства. Првобитно неговите планови во животот не биле поврзани со енологијата, иако израснал во лозјата и семејната винарија со која години раководeше татко му. Но заради потребата од човек што ќе се посвети целосно на работата во винаријата и кој ќе ја продолжи семејната традиција се запишува на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, на студии по лозарство и енологија и својата наобразба и животна определба ги посветува на виното. Она што неговиот татко Душко Андов го започнал, Сашко денес успева не само да го задржи туку и да го развива на едно повисоко ниво. Така тој внесува голем број новитети во производството и маркетингот на нивните вина.