Тиквешијата како поширок етногеографски регион во делот на лозарството и винарството има богато историско минато и долга традиција. Тие претставуваат основни стопански гранки со кои се занимавало населението од целиот овој крај.
Кавадарци, 12 септември 2020 (МИА) – Тиквешијата како поширок етногеографски регион во делот на лозарството и винарството има богато историско минато и долга традиција. Тие претставуваат основни стопански гранки со кои се занимавало населението од целиот овој крај.
Лозарството и винарството во Тиквешијата во античкиот период
Весела Честоева, в. д. директор во новиот Вински музеј во Кавадарци, за МИА вели дека уште во времето на Античка Македонија, благодарение на големиот број артефакти, се дознава дека виното претставувало нераскинлив сегмент од животот на Македонците кои ја одгледувале оваа култура, а богот на виното Дионис бил едно од најславените божества во античката митологија.
– Македонија е меѓу првите земји во Европа во кои се одгледувала оваа култура. Научниците археолози и историчари ќе забележат: „Историјата на лозарството потекнува од пред 4000 години и е пренесена од Тракија преку ридестата Македонија, на медитеранскиот Балкан“, нагласува Честоева.
Грозјето и виното биле култни прехранбени продукти за кои постоеле посебни прописи кај производителите на грозје и вино, кои строго морале да ги почитуваат.
– Омилен пијалак на Александар Македонски било виното и тоа е забележано кај античкиот историчар Диодор Сицилијанецот, во биографијата за Александар Македонски.
Античките Македонци својот култ кон виното го практикувале и во погребните обичаи. Имено, Македонците биле погребувани со ставање предмети од лична сопственост, меѓу кои и садови за пиење вино, што археолозите ги откривале при нивните истражувања, кажува Честоева.
Тиквешкиот регион, нагласува, бил колепка на лозарството и винарството.
– За тоа говорат бројните наоди и археолошки наоѓалишта како Стоби, Антигонеа, Белград, Еударист, Градот, Умата, Градиште и други. Меѓу пронајдените предмети кои се поврзани со грозјето и виното доминираат: путири, камени корита за газење вино, пехари, антички надгробни стели, баханалии, монети и друго. Во Тиквешијата се откриени неколку камени корита, и тоа во Раец, Мрзен Ораовец, Вешје Белград. Многу значаен предмет од овој период е мермерната вотивна плоча во месноста Ума I век пр. н. е. Оваа култна икона – „Баханалија“ – претставува релјефна претстава изработена во бел мермер во чест на богот на грозјето и виното Бахус. Од оваа култна икона може да се заклучи дека почитта кон богот Дионис и Бахус е доста раширена во целиот тиквешки регион. Вакви и слични артефакти во Тиквешијата има многу, што говорат за постоењето на лозарството и винарството уште од раниот антички период, вели директорката на музејот.
Лозарството и винарството во Тиквешијата во средниот век XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII, XVIII
Според Честоева, сознанија за развојот на лозарството и винарството во Тиквешијата во раниот среден век ни дава Теофилакт Охридски во своите писма и историчарот Идризи, каде се забележува дека во Тиквешијата лозарството се одгледувало со векови и има богата традиција. За обработка на лозовите површини се користеле разновидни алатки, пред сè мотики и дикели. Одгледувањето на виновата лоза барало многу работа, знаење и искуство.
– Во овој период постоеле два вида грозје бело и црно, па според тоа постоеле и два вида вино, „малвазија“ – црно вино и „темјаника” – бело вино, кои се споменуваат во XIV век од страна на Констанит Јиричек. Меѓу поквалитетните винови лози се споменува и требијанската лоза (vinea trebiana tribiana), која била застапена во првата половина на XIV век. Во овој период, XIV век, голем расцут доживеал манастирскиот посед. Главен извор за богатството на манастирските имоти биле селата. Манастирите ги добивале селата заедно со имотите (лозјата, бавчите и градините) како и метосите, кои претставувале имоти на помали манастири или цркви, изградени во градовите и селатa. Крупните манастири започнале да ги голтаат тие метоси, така на пример во Тиквешијата метохот на манастирот „Св. Ѓорѓи Полошки“, според записите на Јован и Константин Дејановиќ во 1378 година, бил господар на пет села. Најголем дел од обработливата земја им припаѓала на манастирите. Полошкиот манастир се споменува како голем сопственик на лозја во селата Полошко, Драгожел, Кошани, Желишта, Ресава и други. Полошкиот манастир располагал и со многу голема визба во која имало бочви и буриња за вино и тоа се чувало во дрвени садови т.н. чабри.
Во отоманскиот период XV и XVI век постојат малку податоци од областа на винарството и лозарството и тоа трае до крај на XIX век. Куранот не дозволувал консумирање алкохол и алкохолни пијалаци, а со тоа дошло и до намалување на површините на лозовите насади, но добра страна е таа што Турците како љубители на благите работи (слатките и ориентални производи), на овие простори донеле нови сорти винова лоза како афус-али, султанија, чавкариче, чауш и други. И покрај сè постојот статистички податоци за време на владеењето на Отоманската Империја, каде турските власти педантно се грижеле за прибирање на приходите кај рајата. Постојат „дефтери“ кои докажуваат дека постоел данок на приход од глава на жител од вински лозови насади, додава Честоева.
Лозарството и винарството во Тиквешијата од крајот на XIX и почетокот на XX век
Директорката на музејот кажува дека на крајот на XIX и почетокот на XX век доаѓа до окрупнување на лозаропроизводителите, а со тоа и формирање задруги што ќе бидат конкуретни на пазарот. Голем број фамилии во Тиквешијата почнале да се окрупнуваат и здружуваат и да имаат кооперантска соработка со поголеми трговци и винари во Кавадарци. Такви биле фамилиите на Велкови, Грозданови, Шкартови, Даневи, Мукаетови и други, користејќи ги капацитетите на нивните визби и „коритници“.
– Во 1885 година фамилијата Велкови ја формира првата винарска визба „Тиквеш“, којашто била прва од таков карактер на Балканот. Винарницата во прво време работела со капацитет 50 000-80 000 килограми грозје, но со текот на времето и како резултат на побарувачката нејзиниот капацитет се зголемил од 250 000 до 300 000 килограми грозје. Голем подем винарницата „Тиквеш“ направила за време на Александар Велков, кој бил еден од основачите на винарската визба „Тиквеш“ од 1885 и кој бил син на Ристо Велков. Фамилијата Велкови почнала да произведува неколку вида вино, мастика, вињак, коњак, неколку вида ликер и гроздова шира. Стефан Велков, кој завршил трговска академија во Битола, бил задолжен за продажба на нивните производи како во Македонија така и во Србија и Грција. Имале кооперантска соработка со позната фирма „Метакса“ од Солун и во 1912 година склучуваат договор за соработка помеѓу двете фирми.
Фамилијата Велкови испраќала одредени количини вино, а за возврат увезувале метакса и узо во Македонија. Винарската визба „Тиквеш“ била една од најголемите работни организации во Кавадарци во почетокот на XX век и вработувала 20 работници, а таа бројка често се зголемувала во зависност од големината на прозизводството, вели Честоева.
Првите чекори за обнова на опустошеното лозарство во Тиквешијата од болеста филоксерата во 1913 година биле направени во средината на 1920 година со отворањето лозов расадник, првата поголема државна работна организација во Кавадарци, а со тоа и почеток на обнова и подигање големи површини лозови насади.
– Основањето и дејствувањето на лозовиот расадник во Кавадарци одиграло значајна улога во обновувањето на лозарството во Тиквешијата и Македонија во целост, а тоа придонело Тиквешијата да биде и остане најзначајниот регион за производство и преработка на грозје во Македонија и пошироко. Во 1947 година било формирано винарското претпријатие „Тиквеш“ за производство на вино, ракија и други алкохолни пијалаци и денес винарската визба „Тиквеш“ претставува заокружена технолошка целина, почнувајќи од примарна преработка на грозјето до најсовремена финализација на вината, додава Честоева.