Кавадарци полека одбројува до почетокот на годинешното издание на манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2017“. И годинава централните фестивалски настани се предвидени за во сабота, 9 септември, а единствена голема промена за разлика од минатите години е отсуството на детскиот карневал кој ќе биде споен со винскиот карневал.
Според предвиденото, свеченото отворање на манифестацијата и годинава ќе се оддржи во петок, точно на пладне во градската Музеј галерија. На истото се очекува присутните да ги поздрави градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов, а веднаш потоа да биде отворена и изложбата на фотографии „Тиквешки гроздобери 1964-2016“. Од градската музеј галерија, настаните се префрлаат на градскиот плоштад каде најпрво во 13 часот ќе се оддржи дегустација на вино и грозје, а по пладневната пауза програмата ќе продолжи со концертите на Епидеми и Нокаут кои се закажани со почеток од 20 часот и 30 минути. Првиот фестивалски ден ќе заврши во ресторанот „Моклиште“ каде точно на полноќ ќе бидат избрани винскиот крал и кралица кои ќе го предводат тиквешкиот гроздобер.
Саботната програма започнува во 11 часот со меморијалниот турнир во женска кошарка „Сестри Китеви“ кој ќе се оддигра во спортската сала „Јасмин“, додека час подоцна во малиот парк ќе започне традиционалниот турнир во табла. Централните фестивалски настани започнуваат во 18 часот за кога е закажан стартот на Тиквешкиот вински карневал, по чие завршување ќе следи уметнички перформанс, огномент и концерт на хрватската ѕвезда Северина.
Последниот гроздоберски ден ќе започне во 11 часот на градскиот плоштад каде свои настапи ќе имаат учесниците на детските фестивали „Гроздоберче“ и „Ластарчиња – лозарчиња“. Во 18 часот и 30 минути ќе се избираат најдобрите вина, додека во 21 часот ќе започнат настапите на Депеш Мод Трибујт Бенд и диџеј Никифор.