Со цел да се обнови библиотечниот фонд на средните и основните училишта во градот, Советот на млади од општина Кавадарци со поддршка на младинскиот фонд на Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог и најдоброто од кавадаречката музичка сцена организираат голем музички хепенинг за кој влезницата изнесува само една книга.
„Во вторник, 19 септември, донирајте книга за градските училишта и бидете дел од уникатното дружење со нашите кавадаречки гордости Наташа Малинкова, Перо и Пикси, Smoke Shakers, Bad Ass All, Ориентал Бенд и Лидија Паскова, Харизма Бенд, Александра Михова, балетско студио „Венус“ и студио за танц „Линеа““ – се вели во изјавата до медиумите од Советот на млади на општина Кавадарци.
„Проектот „Културна (Р)еволуција“ е поддржан од младинскиот фонд на Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог, кој се реализира веќе трета година на регионално ниво од страна на 7 Агенции за локална демократија и АЛДА Скопје во 5 балкански земји. Преку локални и регионални активности, платформата има за цел да ја зголеми свеста за младинското учество, младинскиот активизам и можностите за младите луѓе да создаваат и да бидат дел од донесувањето одлуки“ – се вели во продолжението од изјавата.
Музичкиот хепенинг ќе се оддржи во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, со почеток од 20 часот, а сите собрани книги ќе бидат донирани на училишните библиотеки во градските основни и средни училишта.
Освен од младинскиот фонд на Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог, проектот го подржаа и Општина Кавадарци, Дом на култура „Иван Мазов – Климе“, Младинскиот информативен центар „Сега“, Младинскиот центар „Креактив“, Советот за превентива против малолетничка деликвенција – СППМД и здружението на граѓани „Зона“.