Иако навидум изгледа едноставно, послужувањето на вино има свои правила на кои едноставно морате да внимавате. Во продолжение, еве дел од нив:
При отварање на шишето со вино треба да се внимава да не се пробие долниот дел од тапата со што би се предизвикало нејзино одронување во самото вино.
Процесот на преточување на виното од оригиналното шише, се нарекува декантирање. Декантирањето се врши во специјални садови наречени декантери. Најчесто се декантираат постарите црвени вина, кај кои се создава талог. Со процесот на декантирање исто така се врши и аерација на виното со што се развива букето и се истакнуваат винските ароми. Поради ова процесот на декантација се врши и на помлади вина.
Виното се служи во соодветни чаши изработени од тенко, чисто стакло. Најдобро е да се избегнуваат гравирани или обоени чаши затоа што оневозможуваат јасно да се види бојата на виното. Црвеното вино се служи во поширока чаша во форма на лале. Белото вино се служи во чаша која е благо затворена кон врвот. Пенливото вино се служи во високи и тесни чаши кои овозможуваат да се развијат меурчињата од пенливото вино.
При ставањето на виното во чаша, треба да се внимава чашата да не се преполни. Најдобро е да се стави вино до половината од чашата, затоа што на тој начин има доволно простор за провртување на виното во чашата, со што се ослободуваат и интензивираат аромите.