Македонските, но и странските туристи кои следната сабота, 10 август ќе бидат во Охрид ќе имаат ексклузивна можност да ги дегустираат вината на ВВМ „ГД – ТИКВЕШ“. Дегустацијата која е во рамките на настанот “Вински Тераси – Охрид” ќе се оддржи во ресторанот „Канео“, а организатор на истиот е Македонската Асоцијација на Сомелиери – МАСОМ.
Покрај вината на ВВМ „ГД – ТИКВЕШ“, на настанот ќе може да се пробаат и вината на најзначајните македонски винарници, како Тиквеш, Стоби, Камник, Далвина, Езимит, Венец, Вирго, Сопот и Брзанов.
Она што е ново за Охрид е тоа што за прв пат вакво претставување ќе се спроведе во сомелиерски манир, како што доликува на македонските вина. Имено гостите ќе имаат можност преку симболична влезница да дегустираат 100на вина по свој сопствен избор. Изложените вина ќе бидат од квалитетни до вина од премиум сегментот, правилно послужени, следени со стручни информации околу карактеристиките, сортите и македонските виногорја. Секако, не случајно е одбран и ресторанот Канео, кој патем широкоградо го прифати овој проект. Да се размислува “надвор од кутијата” е предизвик, но и нешто што ја води гастрономијата напред, Во тоа светло и ќе се претстави тимот на Канео кој е задолжен за гастрономскиот дел.
Настанот е насловен “Вински Тераси – Охрид” , со цел да се потенцира тесната врска помеѓу “лозовите тераси” како микролокации од каде најчесто доаѓа најкавлитетното винско грозје до “винските тераси” од сегментот на ресторантерството и хотелиерството каде тие вина треба да се понудат на посетителите во туристичките дестинации на соодветен, правилен начин. “Вакви вински настани треба да станат традиција по нашите туристички места. Претставувањето на македонското вино на странските пазари треба да го ставиме во еквилибриум со домашниот пазар, особено во туристичките оази како што е Охрид. Гастрономијата пак да ја насочиме кон традиционалната кујна комбинирана со модерни техники. Имаме што да понудиме, но не очекува многу работа за што се чуствуваме навистина спремни” – изјавија од МАСОМ.
Почетокот на настанот е закажан за во 18 часот.