Скара и вино. Ова не е пар кој автоматски ни паѓа на ум. За некои е чудна оваа опција или едноставно не ни текнува како можност. На Балканот пивото ја има „зграпчено“ популарноста како единствен сопатник на скарата. Но, оваа состојба се менува. Луѓето сé повеќе успеваат да најдат начини како уникатните вкусови на виното можат да го надградат вкусот на добрата скара. На следната скара што ќе ја организирате со друштво, понесете со себе некое локално вино и ако не сте пробале до сега, уживајте во откривање нови вкусови.
Иако препорачуваме да експериментирате и пронаоѓате интересни комбинации кои вам најмногу ви се допаѓаат, сепак во продолжение ќе да ви дадеме неколку предлози за начинот на комбинирање на различните видови месо на скара со вино.
Од белите вина, шардоне и совињон блан се најкомплементарни со полесните меса, како тенок пилешки стек или било кој друг дел од кокошката. Слично, сите видови риба на скара се фантастична кобинација со белите вина од овие сорти. Зеленчукот и печурките на скара одлично се надополнуваат со шардонето кое со своите овошни елементи и нивото на киселост создава незаборавлив вкус со прилозите од зеленчук и лесното месо. Розе вината даваат најголем опсег на можности за комбинирање и можат да се уживаат со голем дел од различното месо подготвено на скара.
На пример, бургерите од свинско или мисиркино месо послужени со салата или некој друг вид свеж зеленчук заедно со сувото розе претставуваат една од оние комбинации од кои нема враќање ако еднаш ја пробате. Кога сме веќе кај бургерите, перфектна комбинација е класичен бургер со розе полуслатко пенливо вино. Доколку пак станува збор за чизбургер, идеален придружник е средно танинично црвено вино. Дури и да не сте фан на сортата мерло, изберете вино од оваа сорта како комбинација на бургер со печурки.
Чаденото месо подготвено на скара и црвеното вино се како создадени еден за друг. Двата моќни вкуса создаваат незаборавно гастрономско искуство. Месото кое изобилува со масти, како: ребра, бифтек и колбаси и црвени вина од сортите каберне совињон или вранец имаат уникатна меѓусебна интеракција. Исто така, ако сакате повторно и повторно да го почувствувате единствениот вкус на првиот залак кој најчесто е најубавиот дел од јадењето и вкусот по кој ја паметите скарата, тогаш црвеното вино ќе ви помогне во овој процес. Интересно за црвените вина е освен што го надополнуваат вкусот на месото подготвено на скара, тие овозможуваат секој следен залак да е вкусен и сладок како првиот.