Виното е силно испреплетено низ македонската историја и традиција. Особено, свое значајно место виното има и во прославите, па околу него се создадени многу адети кои полека исчезнуваат. Во мариовското село Гостиражни и околните села, превезот на невестата и го фаќал кумот. Во едната рака држел чаша со вино, а во другата сукало. На сукалото го виткал превезот. Кога ќе и се прогледало лицето, три пати се напивал вино и на секое напивање ја попрскувал од устата со вино.
Собирањето на превезот со сукалото било адет за да биде невестата сита и да се вртел дарот околу неа (како што се вртела кората околу сукалото), а попрскувањето со вино – за да биде црвена како вино и кога ќе готвела да не и плачеле очите од чадот.
Девојките и пееле на невестата:
Откри нунче, крштениче
Откри нунче, крштениче
откри нунче,
да видиме, ихиии, бело лице,
да видиме
каде лете ихиии летувало.
Каде лете летувало,
каде зиме ихии зимувало,
каде зиме зимувало.