Иако важи за голем и примамлив пазар, Русија е вистински анонимус во светот на производството на вино. Но, работите се менуваат, особено во Краснодарската територија каде што се создава нова историја.
Иако регионот сеуште е млад, сепак веќе се создаваат вистински вински ремек-дела кои се признати од страна и на меѓународната заедница. Овде има големи производители, мали винарии, па дури и гаражни винарии. Речиси сите производители на вино се познаваат помеѓу себе обидувајќи се да го развијат руското производство на вино заедно.
Речиси сите винарии се во потрага во барањето на совршена комбинација на сорти и тероари, во потрага по нивниот индивидуален стил … Во моментов, историјата се случува – историјата на формирање на нов значаен вински регион во светот.
Најблиската винарија до аеродромот во Краснодар е Лефкадија. Нивните лозови насади се наоаѓаат најдалеку од морето, и затоа се подложени на најголеми ризици пред се поради континенталната клима. Како резултат на климата и тероарот “Лефкадија” прави многу интересни вина, но често поради климата останува и без скинат грозд.
Специфичен по многу нешта е и југоисточниот дел на долината Анапа. Лозјата во овој дел импонираат со нивните бели „шеќерни“ падини, кои се всушност мали каменчиња кои што во текот на денот ја акумулираат топлината и ја емитираат ноќе кога температурата е пониска, што е добро за грозјето, а дополнително лозата добива изобилство корисни минерали.
Она што е сосема возбудливо е што некои од најпознатите вински сорти, како Мерло и Пино Ноар на овој тероар изгледаат толку свои, а сепак посебни.
Лозовите насади на Гај Коздор пак се синтеза на прекрасните пејсажи на долината Анапа, француското училиште за производство на вино и неговата бизнис визија. На овој имот се е исклучително разумно и модерно, а резултатот е врвно вино по цена достапна за секого, што е дел од стратегијата за градење на бренд. Колку е виното добро, а стратегијата на винаријата одлична говори фактот што голем број руски магнати, меѓу кои и Роман Абрамович се дел од фановите на ова вино. Сопственикот на Челзи е и дел од инвеститорите на винаријата пред која се светли денови.
Автор: Душко Стефанов – Боемот