Во недела, 19.11.2017 година, во пресрет на празникот Свети Архангел, планинарското друштво Free Hikers ќе го предводи планинарски марш по патот на виното “In vino veritas – Во виното е вистината”.
Планинарскиот марш ќе стартува во 8 часот од селото Долни Дисан, а по патеката долга 16 километри во најголем дел од својот тек ќе поминува покрај лозовите насади на винаријата „Венец“, која се наоѓа на триаголникот Долни Дисан, Горни Дисан и селото Вешје.
„На ова подрачје микроклимата и тероарот го даваат најдоброто грозје во земјата. Лозјата се наоѓаат на надморска височина од 250 до 500 метри, а на 70 проценти не им е потребно наводнување. Венец е една од двете винарии во Македонија што одгледува многу повеќе грозје од што е потребно за нивното производство на вино. Оваа винарија им продава грозје на речиси сите винарии во земјата“ – се вели во информацијата од организаторите.
По завршувањето на планинарскиот марш ќе следи дегустација на вина од винаријата „Венец“.