Фондацијата „Тиквешки вински пат“ најавува нови проекти

Фондацијата „Тиквешки вински пат” најавува неколку нови инвестиции и проекти за оваа година. Како што информираше денеска директорот Виолета Јанкова, се прават последните подготовки за старт на веќе одобрениот проект за изложбен простор во Росоман, инвестиција вредна 587 илјади евра, финансирана преку ИПА фондот за прекугранична соработка со Грција.
Се работи за објект за промоција. Во склоп на проектот ќе се формира и македонско-грчки кластер за вино, храна и туризам, а ќе бидат реализирани и промотивни туристички тури. Јанкова најави и едукации за членките во кластерот, за подобрување на нивните бизниси, промоција и маркетинг.
-Традиционално по 11 пат, годинава повторно ќе бидеме организатор на манифестацијата за закројување на виновите лози по повод верскиот празник “Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите. Ќе продолжиме со промоција на туристичките производи и пакети кои ги изготвивме токму за туристите, а ги опфаќаат виното и храната, како и природните богатства на нашето поднебје. Веќе е во тек пријавувањето за тест турите кои ги организираме, а во рамките на кои, посетителите ќе можат да уживаат во туристичката понуда на највинскиот регион во Македонија, соопшти Јанкова.
Таа додаде дека меѓу другото, следуваат и повеќе едукативни настани.
-Целта на сите активности е развој на туризмот, нешто на што работиме во изминатиот период. И добро е да се каже дека од година во година се зголемува бројот на туристи кои ја посетуваат Тиквешијата, нагласи Јанкова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *