Се кројат лозјата во Тиквешко. Голем дел од лозарите мораат да брзаат и не можат да го чекаат „Свети Трифун“ кога симболично почнува закројувањето. Причината е што имаат поголеми плантажи и поволните временски услови.
Ланската година за лозарите почна со непогоди. Пролетните мразеви уништија скоро 70 проценти од родот, особено во кавадаречкиот регион. Потоа дојдоа и високите температури и направија уште поголеми штети особено во регионите каде што немаше можности за наводнување.
Со откупот немаше проблеми и она што се собра беше со добар квалитет, а винските визби, родот го откупија во целост. Откупните цени кај поквалитетните сорти беа повисоки од 2016- та година, и тоа кај смедеревката за 2,5 и за 6 проценти кај вранецот.
Лозарите сега ја чекаат и втората рата од 40 проценти за грозјето од ланската реколта која според законот трба да се плати најдоцна до 15-ти февруари.