Луѓето надарени од Бога со талент за пишување белешки од времето во кое живееле и писмо кое ќе потсети за годините во кои твореле, најчесто веруваат дека пиењето вино е Божјата љубов и двигател на нивното перо и мисла. Водени од овој запис од времињата минати, www.vinotika.mk се впушти во луда винска авантура, да се увери колку има вистина во книжевната измама, или вистината и лагата се состојки кои како вековна тајна ги чува неговото височество, виното.
Вака Боемот го започна текстот кој беше инспириран од илинденската авантура по непрегледните лозови плантажи на АД Гоце Делчев – Тиквеш од Кавадарци, а заврши во кругот на винаријата на ВВМ „Гоце Делчев – Тиквеш“, текст кој и по две години едноставно е безвременски, и вреди да се прочита најмалку уште еднаш.
Иако Македонија, мојата земја, за жал сеуште е сиромашна со информации пред светот за која треба да се посети како туристичка дестинација, сепак “вината“ треба да ја бараме и во нас, и во слабата промоција. Неоспорно е дека Македонија е винска држава. Втори август и Илинден беа наша инспирација да се впуштиме по потрага кон идната винска приказна која ќе ви ја прераскажиме за плодната Тиквешија и винска Македонија како земја на Сонцето.
Сува Гора
… Беше време околу 7 наутро. Екипата на www.vinotika.mk со возбуда по винска авантура се упати кон плантажите на винарската визба Гоце Делчев – Тиквеш Кавадарци. Во разговор со луѓето кои случајно или намерно ги сретнавме по лозовите насади, празнично скршивме по некој збор два. Од разговорите свативме дека околу половина од лозјата во Тиквешијата се во сопственост и контрола на винарска визба „Гоце Делчев – Тиквеш“ Кавадарци. За нас тоа претставуваше сигурен доказ дека сме на вистинскиот пат.
Првиот локалитет кој го посетивме беше Сува Гора.
Всушност, љубовта која се всадила кон виното и лозарството е родена токму таму, во атарот на изгрејсонцето помеѓу двете тиквешки села со богата историја. Во прегратките помеѓу славните Ресава и Бегниште, се наоѓа морето од винова лоза со најубав род.
Иако водата е и повеќе од потребна токму овде, сепак истата во моментов е само дар од Бога, и затоа врнежите во летните денови се секогаш добредојдени. За потсетување, каде што водата ја нема во изобилие, ги има пеколните сончеви денови кои пак допридонесуваат за квалитетот на грозјето. Помало количество на вода значи и помал принос, но во исто време значи и поголема шеќерност и зрелост.
Кога ќе сретнете вино од овој регион, значи дека во Ваша близина има шише вино полно со многу сонце, љубов и висок квалитет. Со многу емоции и силна желба, ние бевме токму овде, но со тага се разделивме со местото преполно богата историја.
За ова наше пишување, сведочат и камените плочи, корита и на секој чекор древни испишани камења, како белег на едно време, како товар кој не оптоварува и физички и мисловно. Аманет со кој не задолжиле нашите предци, како трага која само не потсетува дека ние треба нешто да продолжиме, нешто што со векови го сочувало ова наше мало парче земја.
Го милуваше нашиот фотограф секој момент, и затоа секоја фотографија е исполнета со восхит и емоции. На заминување од Сува Гора, ветивме дека повторно ќе се вратиме.
Љубаш
Под Љубаш сме, зелена лозова површина до недоглед. Игра на стари лозови насади и обновени млади лозја. Некои мудрува, а пак некој немирно игра низ времето. Овде, во време на гроздобер, историјата кажува дека песната на аргатите најубаво се слуша. Иако годината ќе биде со послаб род од минатите, тоа со ништо нема да ја попречи возбудата и желбата од овие лозови убавици да се направат најубавите македонски вина. На здравје!!!
Фариш, Раец и Шамаци
На воздушното тромеѓе помеѓу Кавадарци, Велес и Прилеп, е токму таму се наоѓа Фариш, гордоста на винарската визба Гоце Делчев Тиквеш, каде што се имплемтирани најновите светски трендови за производство на винско грозје. Странските партнери на винарската визба Гоце Делчев Тиквеш се восхитени токму од овој регион, опколен од високите карпести ридови на Скочивирската клисура, археолошкиот вински локалитет Девол и навидум питомата Раечка Река која и дава живот на виновата лоза. На само неколку километри одовде, се наоѓа македонското Бордо. Во атарот на селото Раец, се сместени можеби најубавите лозови плантажи со најголем принос. Овде се потсетува на некое ново време кое доаѓа. Во прошетката по тиквешките плантажи на винарската визба Гоце Делчев, не можевме, а да не застанеме и во месноста викана Шамаци. Ова е место каде што мислиш на моменти времето застанало.
Токму тука, пред педесетина години најголемите лидери во регионот го кинеле првиот грозд и се насладувале со божјиот дар. Само луѓе кои години минале во овие вински убавини можат вистински да Ви ја раскажат приказната за љубовта на лозарот со виновата лоза.
Трстеник
После се она што виде и доживеа тимот на www.vinotika.mk со сигурност ќе речеме дека винарската визба Гоце Делчев Тиквеш во времето пред нас ќе биде бисерот на македонските вина.
Зошто?
Прво луѓето имаат визија, и дефинитивно знаат што сакаат, сосема свесно и посветено се 24/7 во прегратките на непрегледните лозови насади, имаат напредна технологија, инвестиции во секој сегмент, силна логистика и отворен пазар. Вредни, посветени, квалитетни, имаат експерти во своите редови, и се секогаш во постојана комуникација со своите вработени. Знаат да слушаат и брзо имплементираат. Брзо размислуваат и ги следат најновите трендови и иновации. Токму поради ова, винарската визба Гоце Делчев – Тиквеш е наградувана со највисоките одличја за квалитет на европските пазари и саеми за вино.
Оваа приказна, со сигурност ветува богата винска историја за Кавадарци и Македонија.