Во рамки на проект за унапредување на винскиот туризам и понуда во земјава, „Тиквеш вински туризам“ отвора повик за сите заинтересирани правни и физички субјекти кои се занимаваат со дизајн и изработка на сувенири.
Повикот е отворен за доставување идеи за сувенири тематски поврзани со производството на грозје и вино, како и понуда за изработка на предложените сувенири. Сувенирите треба да се испорачаат најдоцна до 10.11.2019 година.
Заинтересираните треба да испратат понуда со фотографии или симулации од идеите за сувенири, со опис на материјалот од кој се изработуваат, како и цена за нивна изработка со назнака за евентуалните ограничувања во однос на расположливи количини или рокови на испорака. Не е неопходно испратените предлози да се веќе готови производи, прифатливи се и идеи за кои треба во следна фаза да се организира изработка. Понудата треба да содржи контакт информации за понатамошна комуникација со учесниците на отворениот повик и кратка информација за субјектот што ја доставува понудата.
Понудените предлози за сувенири треба да ги задоволуваат следните услови:
• Да ја отсликуваат традицијата на производство на вино и грозје во земјава и да ја промовираат нашата држава како винска земја;
• Да се наменети за домашни и странски туристи;
• Да соодветствуваат ценовно на дизајнот и материјалот од кој се изработени, како и на различни можности во однос на буџетот што посетителите би го одвоиле за купување сувенири;
• Да се изработени од материјали согласно прописите за заштита на здравјето;
• Да содржат информација со предлог цена.
Примери на сувенири: уникатни чаши, украсни чинии, нотеси, постери, картички, маички и друга облека, подметачи, приврзоци за клуч, накит, брошеви, обележувачи на книги, магнети, разни аксесоари за вино, налепници, украсни држачи, отворачи, украсни кутии за вино, плетени работи.
Понудите треба да се испратат најдоцна до 01.10.2019 година на следнава е-адреса: contact@tikves.com.mk
Понудите што ќе пристигнат подоцна од овој рок нема да бидат земени предвид.
Понудата задолжително да содржи контакт податоци/ е-пошта и телефонски број.
Понудите треба да бидат изработени во Word или PPT формат и испратени како pdf документ кој не надминува 10 MB.
Разгледувањето на понудите и изборот на предложени сувенири што ќе бидат набавени ќе се спроведе во период од две недели по истекот на рокот за доставување на понудите, по што селектираните понудувачи ќе бидат контактирани за дополнителни информации и договарање на понатамошната соработка во однос на изработката и испораката на сувенирите.