Црвеното вино „Веритас“ од бербата од 2015 година на винарницата „Стоби“ се закити со највисокото признание „платинест медал“, на престижниот вински натпревар „Декантер“ во Азија.
Ова признание се доделува само на специјални, врвни вина со исклучителен квалитет, поради што е многу ценето меѓу винските познавачи. Освен платинестиот медал, вината „Веритас“ 2016, „Вердо“ 2015 и „Аминта“ 2015 на овој натпревар освоија сребрени медали. Со највисокото признание освоено на „Декантер“, винарницата „Стоби“ ја продолжи успешната серија на претставување на меѓународните натпревари.
Изминатиов период вината на „Стоби“ ги освоија врвните признанија на два значајни меѓународни натпревари во Кина и во Германија, каде се закитија со двоен златен медал како највисоко признание, три златни медали и по два сребрени и бронзени медали. Од винарницата „Стоби“ објаснуваат дека според пропозициите на „Декантер“, платинест медал им се доделува само на вина – добитници на златни медали, кои освојуваат повеќе од 95 поени и кои повторно се оценуваат во посебна сесија.
„Освојувањето платинест медал во конкуренција на близу 3.000 вина од 34 земји од целиот свет е огромен успех кој покажува дека се работи за вино со исклучителен квалитет. Многу е мал процентот на вина што добиваат ваква награда, особено поради тоа што очекувањата на членовите на жирито се екстремно високи и многу строги“ – велат од тимот на „Стоби“.
„Најголем успех на другите вински натпревари постигна виното „Аминта“ од бербата од 2015 година кое беше наградено со престижниот двоен златен медал на најголемиот вински натпревар во Хонг Конг и Кина, CSWA (China Wine and Spirits Awards). На овој натпревар многу високо признание освои и виното „Веритас“ од бербата од 2015 година кое се закити со злато, а вината „Ркацители“ од 2018 година и „Жилавка“ од 2019 освоија бронза. CSWA е најголем вински натпревар во Кина, кој меѓу познавачите на вино е највреднуваниот показател за квалитетот на домашните и увозни вина на конкурентниот кинески пазар. Одлуката за доделените признанија ја носат 100 врвни познавачи на винскиот пазар вклучени во увозот, дистрибуцијата и продажбата на вино во Кина. Вината на „Стоби“ беа исклучително успешни и на престижниот меѓународен натпревар за квалитет на вината „Мундус вини“ што се одржува во Германија. На овој натпревар вината „Веритас“ од бербата од 2016 година и „Ркацители“ од бербата од 2018 ги освоија највисоките златни признанија, додека вината „Веритас“ од бербата од 2017 година и „Стоби куве“ од 2018 се закитија со бронзени медали. Престижните награди за квалитет на „Мундус вини“, „Стоби“ ги освои во конкуренција на вина од 40 земји од светот, а одлуката ја донесе меѓународно жири сочинето од 164 висококвалификувани судии – дегустатори, односно енолози, вински аналитичари, трговци со вино, сомелиери и новинари што ја следат светската винска индустрија“ – потенцираат од винаријата.
Новоосвоените награди на винарницата „Стоби“ се уште една потврда во низа за високиот квалитет на овие вина, како и за угледот што тие го уживаат меѓу врвните светски познавачи на виното.