Во рамките на одбележувањето на деновите на младо вино, но и со цел промоција на виното, винската култура и гастрономија, најдобриот ресторан во централна Македонија, ресторан Ексклузив, во соработка со винаријата „Тиквеш“ на своите ценети гости им понуди ексклузивна вечер исполнета со врвни специјалитети и одлична селекција на вина.
Топлото добредојде во пријатниот амбиент на ресторанот кој од 1984 година е синоним за врвна храна и беспрекорна услуга, овој пат беше надополнето со здравица за безброј вакви вечери со шармантниот Совињон Бланк, суво бело вино кое се одликува со светла жолто-зелена боја.
Вечерта низ која не водеа Сијче Костадинова, шеф на кујна во ресторан „Ексклузив“ и енолозите Ќире Петров, Наташа Петрова, Никола Кузмановски и Александра Ристова официјално започна со комбинацијата од медитеранска салата со Александрија Куве од специјално селектираните вина на Тиквеш.
Паштетата од тиквешки крап на подлога од рестован компир со прелив од брокула и путер делуваше апсоултно неодоливо во комбинацијата со Виоње, најновиот производ на винарската визба Тиквеш. Се работи за суво бело вино произведено од интернационална сорта на грозје која е особено популарна во Франција. Се одликува со лимон жолта боја и нагласени ароми на кора од портокал, манго и праска, дополнети со ноти на бело чоколадо, кокос и ванила кои се резултат на шестмесечно одлежување во специјални дабови буриња.
Напливот на емоции предизвикан од спојот на врвните специјалитети, одбраните вина и специјално одбраната музика кулминираше со главното јадење, јунешки пепер бифтек со четири вида на бибер во гарнир од тагатели со они олион сос надополнето со ексклузивното Барово.
Финалето донесе кезе кохен и Розе Класик кои само ја комплетираа вечерта која се граничеше со совршенството.
Задоволството на сите присутни дефинитивно е причина да им се овозможи истото уживање на што поголем број љубители на врвната храна и вино, па сопственикот на Ексклузив, Трајче Велков верува дека многу наскоро ќе има уште многу вакви и слични настани. А до тогаш, продолжуваме да уживаме во врвните специјалитети кои се дел од менито на најдобриот ресторан во централна Македонија.