Револуција наречена „Сасикаја“

Ексклузивно за www.vinotika.mk од Тоскана, Дамата сомелиер, Анче Наневска

 

 

Ако ме прашате за моја лична дефиниција на среќа, ќе ви речам без двоумење – тоа што имав и имам можност да ги уживам најубавите вина на светот. Сасикаја го запознав во сите негови нијанси, од старите вина кои денес раскажуваат историја, до најновите.
Неговата убавина е во тешко со зборови доловливата елеганција, резултат на врвната експертиза со која прекрасното грозје од 75те хектари на поседот Тенута Сан Гуидо (Болгери, Тоскана) се одгледува и обработува, а неговата тајна е несомнено во храброста, љубовта и визијата на неговите „родители”.

sassicaia-1985-giornalevinocibo
Но како и зошто ова вино стана светска легенда?
Идеата да направи, во Тоскана, вино по примерот на славните бордовци, долги години се развива и расте во главата на маркизот Марио Инчиза делла Рокета, голем љубител на француските елегантни вина. Првите експериментни засади на Каберне Совињон и Каберне Франк датираат во Дваесеттите години, кога постепено се утврдува дека каменливата почва на Тенута Сан Гуидо е многу слична со онаа во Бордо и, со тоа, идеална за одгледување на овие сорти. Токму по почвата виното го добива и името – Сасикаја, што доаѓа од зборот „саси” кој на италијански значи камења.
Долги години Сасикаја се произведува само за приватните потреби на фамилијата Инчиза делла Рокета. Но, кога во Шеесеттите години, Марио и неговиот син Николо решаваат да го изнесат ова вино на пазарот, настанува вистински скандал – правилата на Апелација на Болгери или Деноминација со Контролирано Потекло (DOC) под која ова вино би требало да се флашира, не дозволуваат употреба на други вински сорти освен автохтоните Санѓовезе, Канајоло, Колорино, Чилиеџоло и некои други поретки сорти. Во никој случај Сасикаја, бленд од 85% Каберне Совињон и 15% Каберне Франк, не може да излезе на пазарот како вино со оваа ознака за висок квалитет.

toskanaweingut

Најпрво фамилијата бара да се прошири самата DOC, како би можеле да бидат опфатени и интернационалните сорти, бидејќи да се пласира високо квалитетно црвено вино без ознаката DOC е огромен ризик. Откако по неколку пати по ред добиваат негативен одговор, решаваат храбро и сосема револуционерно да истапат на пазарот, флаширајќи ја Сасикаја како обично трпезно црвено вино (IGT), надвор од апелацијата.
Со тоа, во 1968 година, Сасикаја станува најскапото и најквалитетно трпезно црвено вино на светот, а маркизот Инчиза делла Рокета татко на првиот супер-тускан.

 

sassicaia
На почетокот ова вино се соочува со големи противници, патот до врвот е тежок и долг. Околу 10 години Сасикаја ќе мора да се справи со сите непријатели на „интернационализирани вина“ се дури, во 1978 година, светски славниот вински експерт Хју Џонсон заедно со магазинот „Декантер“, не организира дегустација на слепо на 33 Каберне Совињон од целиот свет. Сасикаја се пласира на првото место и со тоа дефинитивно станува легенда.
По овој пример ќе се родат безбројни други кои ќе ги следат неговите стапки и ќе постигнат слава, како Орнелаја, Тињанело, Солаја и многу други. Но, никогаш никој нема да ги достигне врвовите на кои Сасикаја, неприкосновено, се наоѓа до ден денес.
Во текот на годините славата на Сасикаја достигна таква експлозија што во 1994 година конечно доби и своја апелација – Деноминација со Контролирано Потекло (DOC), која се очекува наскоро да премине во Деноминација со Контролирано и Гарантирано Потекло DOCG, највиското во Италија. Ова е единствено вино на светот кое има апелација DOC само за себе.

sassicaia3
Името супер-тускан на почетокот беше синоним за вино направено од интернационални сорти кое не влегува во апелацијата, но со тек на времето со ова име се закитија и вина направени од автохтони сорти, но по интернационален модел.
Овие вина, освен што и донесоа огромна слава на Тоскана и на Италија, докажуваат секојдневно дека виното, освен од грозје, е составено и од огромна доза на љубов и страст.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *