Под мотото „Допри го сонцето – откриј ја тајната за почетокот на светот“ во организација на здружението „Тиквешки точкаџии“ на 11 и 12 јуни ќе се оддржи првото издание на отворениот фестивал во планински велосипедизам и планинарење низ недопрените предели на Кожув планина, „АлШар 2016“, кој вклучува и посета и запознавање на мистериозниот Алшар.
Според официјалната програма, фестивалот ќе започне во сабота, 11 јуни, за кога се предвидени ревијално мото-крос возење на големата тура „АлШар 2016“, премиерната проекција на кав’даречката народна прикаска „Записи на Ѓаволот од Мајден“, а ќе продолжи со настап на кавадаречки диџеи и рок групи.
Втората фестивалска ден ќе ги донесе и централните настани за првото издание. Во точно 10 часот ќе започнат велосипедските и планинарските тури, од кои две големи и две мали. Големата велосипедска тура ќе се вози на вкупно 52 километри во комбинирани услови, додека малата е речиси двојно пократка, 28 километри. За оние кои пак сакат пешачејќи да ги доживеат убавините на Кожув планина, се предвидени долга планинарска тура во должина од 15 километри и мала од 6 километри.
За потсетување, веќе неколку денови во продажба се пуштени и стартните пакети. Цената на пакетот кој содржи маица со лого од настанот, производи од Алкалоид и Витаминка, традициинално Македонско гравче зачинето со свежо „Наше Македонско Пиво”, купон за учество на голема лотарија со вредни награди е само 500 денари.