Виното има долга и богата историја илјадници години наназад. Првите археолошки докази за неговото постоење потекнуваат од пред 8000 години од Грузија, а во Европа за првпат е забележано пред 4500 год.
Виното било често користено и споменувано кај старите Грци и Римјаните во религиозни и медицински цели, како и во секојдневниот социјален живот. Неговата примена во медицината потекнува уште од времето на Хипократ, кој го користел како антисептик, седатив, во подобрување на работата на дигестивниот систем и како дел од секојдневниот начин на здрава исхрана.
Францускиот парадокс за протективната улога на црвеното вино при конзумирањето на масна и високо калорична храна доаѓа уште од 1979 год. кога била поставена хипотезата за намалена појава на кардиоваскуларни заболувања и смртност во Франција, со континуирана и умерена употреба на вино. Четири големи студии изведувани во земји со различни популации, различен животен стил и навики (Данска, Калифорнија, Британија и Франција) уште еднаш го потврдија позитивното влијание на умерени количини вино во намалување на смртноста од кардио-васкуларни заболувања.
Во 1993 год. докажано е постоењето на специфични компоненти во виното, полифеноли (ресвератол и процианиди) кои имаат улога на антиоксиданси и ја инхибираат оксидацијата на „лошиот“ ЛДЛ холестерол. Значаен бенефит е докажаниот механизам за константно покачување на „добриот“ HDL холестерол во крвта како резултат на зголемената синтеза во хепарот. Виното го намалува процентот на миокарден инфаркт. Постои разлика меѓу француското и германското вино, каде подобриот квалитет на француското вино се припишува на неговата поголема продукција на азотниот оксид (NO) поради застапеноста на полифенолите. Tие се важни во намалување на процесот на атеросклероза на крвните садови.