Македонскиот штанд меѓу најпосетените на Тера Мадре Балкан

Eден од најпосетените беше македонскиот павилјон на 4. Тера Мадре Балкан што се одржа викендов во Тирана. Љубителите на традиционална храна со воодушевување дегустираа слатко од диви смокви, сирење од мавровско-реканскиот регион, буковска пипер, мед и вино Станушина.
Ова беа петте президиуми (производи заштитени преку проектите на Слоу Фуд Македонија), претставени на саемот за земјоделство што четврти пат се организира со поддршка на Европската Унија. Многу посетители ги купуваа, без да прашаат за цена.

На Тера Мадре Балкан учествуваа 350 делегати од 12 земји – БиХ, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Турција, Италија и Албанија, а штандовите (павилјони), вкупно 50, беа поставени на т.н. Пазар на фармери, на плоштадот „Мајка Тереза“ во центарот на градот.

– Задоволни сме од учеството на Тера Мадре Балкан. Ова е одлична можност за промоција на нашите македонски традиционални производи кои се исклучително квалитетни, изјави Скендер Аме, производител на бреднираното Дебарско сирење.

Според него, традиционалните производи мора да се заштитат преку негување на рецептите на нашите баби и дедовци зашто храната е идентитетот на народот и зборува многу за неговата култура.

– Кај мене традицијата на производство на овчо сирење ќе ја продолжи синот, на кој веќе му дадов 200 овци. Нашето стадо брои вкупно 900 грла, а заедно со браќата имаме 2.500, истакна Аме.

Весна Јаневска од Росоман, производител на слатко од диви смокви, диви капини и полски јаготки, рече дека од оваа дејност може добро да се живее, а учеството на вакви саемски манифестации е многу битно.

– Дојдов да ги презентирам деликатесите на Тиквешијата со оглед дека кај нас поднебјето е одлично, а тоа значи, што и да направите е превкусно и квалитетно. Треба да ги искористиме благодетите на природата, предностите на регионот и да се бориме, да не се откажуваме. Можеби немаме за луксуз, но за нормален живот имаме, изјави Јаневска.

Тера Мадре Балкан почна во четвртокот, но официјално беше отворен во петокот, со обраќање на Карло Петрини, основач и претседател на Слоу Фуд. Петрини порача дека политичките авторитети треба да го препознаат значењето на малите, локални производители, посебно на младите фармери, и да го поддржат нивното враќање кон традиционалното производство зашто храната не е само стока која едноставно има цена, туку нејзината вредност, како што рече, е многу поголема и подразбира култура, гордост, достоинство на секој народ, филозофија што ги опфаќа корените на неговото постоење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *