Многу музика, мото игри, слободна кампинг зона, ефтино пиво и многу забава ќе донесе мото фестот кој овој викенд во организација на мото клубот „Тиквеш рајдерс“ ќе се случува во „Моклиште“, а за кој учество го потврдија голем број на мото клубови од цела Македонија.
Според официјалната програма, пристигнувањето на учесниците во фестивалската зона сместена во „Моклиште“ е предвидено за во петок, 24 јуни, за веќе во сабота да следуваат бројни активности кои ќе започнат со посети на манастирот „Свети Никола Моклишки“, градскиот парк, спомен костурницата, Музеј галеријата, компанијата „Кожувчанка“ ДОО, и црквата „Света Петка“, по што ќе следува дефиле низ централното градско подрачје. Во 17 часот на градскиот плоштад, граѓаните на Кавадарци ќе имаат можност одбилиску да се запознаат со целите и активностите на „Тиквеш рајдерс“. Свеченото отворање на мото собирот е закажано за во 19 часот, кога ќе бидат претставени сите групи и гости, а ќе бидат раскажани и животни приказни и искуства на моторџиите. Во 19 часот и 30 минути ќе започнат мото игрите, а по прогласувањето на победниците предвидено за во 21 часот, ќе следуваат концертите на Eruption, Troya, Smoke Shakers и Fusion Band.
Мото собирот завршува во недела со еколошка акција во фестивалската зона.